Новите измени на Kривичниот законик, кои штотуку влегоа во собраниска процедура, предвидуваат нов начин на одредување казна. Судовите ќе одредуваат казна според правилник кој ќе биде донесен од Врховниот суд, а ќе може да одредуваат казна поблага од минималната законска казна ако обвинетиот се спогоди со јавниот обвинител и ја признае вината или ако ја признае вината во главната расправа на судскиот процес.
– Тоа не значи дека судот ќе може да го ослободи од казна обвинетиот. Kога се одредува казна, секогаш се тргнува од целите на казнувањето, воспитната функција на казната врз сторителот, но и врз другите. Не може со ослободителни пресуди да се стимулираат кривични дела ако обвинетиот ја признае вината – вели за Дневник универзитетскиот професор Стефан Буџаковски
Тој вели дека со измените се усогласува Kривичниот законик со новиот Закон за кривичната постапка, кој предвидува можност обвинетиот да ја признае вината или да се спогоди со јавниот обвинител. Но, нагласува професорот, мора точно да е дефинирано во кои граници може да се олесни казнувањето во овие случаи.
Според него, предност на новиот начин на одредување казни е скратување на постапката ако обвинетиот се изјасни како виновен, со што ќе се избегнат и дополнителни трошоци од долг судски спор. Но, нагласува Буџакоски, обвинетиот со признанието се согласува и да ја надомести штетата што ја предизвикал со делото.
Дневник