Бугарија го кажа првото „не“ на преговарачката рамка за Македонија за членство во Европската унија. Блокадата се случи на денешниот прв состанок на евроамбасадорите во Брисел пред министерскиот состанок на ЕУ, објави премиерот Зоран Заев. Според него со ова Бугарија го прекршила членот 2 од Договорот за добрососедство каде се обврзала дека ќе не поддржува во евроинтеграциите.
Но, Заев вели дека ова не значи и конечно вето од страна на официјална Софија бидејќи следуваат уште два вакви состаноци, додека пак, министерскиот состанок на ЕУ (ГАК) на кој се носи конечната одлука за почетокот на преговорите е одложен од 10 за 17 ноември. Тој е оптмист дека првата меѓувладина конференција со Унијата сепак, ќе се одржи во декември.
Заев очекува поддршка и од Германија која во моментов е претседавач со Унијата и која бара да отпочнат преговорите со Македонија. Вели дека денешниот потег на бугарската дипломатија е непријатен чин особено затоа што од страна на Македонија не била прекршена ни една одредба од Договорот за добрососедство. Ја отфрли можноста за анекс на Договорот, но затоа пак, ја отвори можност за изјава со наша декларација околу македонскиот јазик.
Брисел денеска поради изолација на германскиот министер за Европа Михаил Рот го одложи министерскиот совет од 10 на 17 ноември, но затоа пак, редовно се одржуваат подготвителните амбасадорски состаноци од кои може да се добие сликата за текот на разговорите меѓу Македонија и Бугарија.
Четири дена пред министерскиот состанок, на 13 ноември, Заев најави виртуелна средба со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.