Живи ли се Илија и Билјана, преживеаја ли? И Снежана, мртва ли е? Ова биле првите зборови на Тони Станоев откако бил уапсен вчера на градските гробишта во Kавадарци, каде што најверојатно сакал да ~ пресуди и на сопругата на погребот на нејзините родители и сестра. Трикратниот убиец бил уапсен на дваесетина метри од капелата, каде што во моментот имало погреб на старица. Станоев, најверојатно, сметал дека дента ќе биде погребот, па ја чекал сопругата за да ~ пресуди. На драматичното аматерско видео од апсењето направено со мобилен телефон од граѓанин се гледа дека Станоев бил уапсен од полицајци во цивил. На снимката се гледа полицаец со панцирен елек и автоматска пушка, кој пукал во воздух за да го заплаши осомничениот.
Kога ги видел полицајците, убиецот почнал да бега, но тие му викале да застане и да се предаде. Во прво време не сакал да ги послуша, па тие морале да испукаат предупредувачки рафали од пушка. Еден бил испукан во негова близина за навистина да ја сфати сериозноста на предупредувањата.
Очевидци на апсењето биле десетици граѓани што дошле на погреб на постара кавадарчанка, како и лица што биле во близина на гробиштата.
Сопругата во болница по преживеаниот шок
Сопругата на Станоев, Данче Леова, по масакрот била хоспитализирана во болницата во Kавадарци, каде што дошла откако го пријавила убиството и ги затекнала убиени своите родители и сестрата Снежана.