Од компанијата тврдат дека останале неисплатени само околу 5 отсто од вкупните побарувања, односно дека станува збор за спорни случаи за кои се чека разврска. Наспроти тоа граѓани велат дека с` е доставено и испочитувано, ама парите ги немаат на сметка
Старата „Топлификација“, која до пред две години ги снабдуваше скопјани со топлинска енергија, се заканува со извршители дека ќе ги наплаќа старите долгови од граѓаните, а на повеќе од 1.000 лица с` уште не им ги вратила парите што им ги натплати во последните сметки.
Со ваква ситуација се соочија околу 25.000 корисници, на кои „Топлификација“ им вети дека натплатеното до денар ќе им биде вратено. Дел од оштетените корисници ги добија парите, но дел с` уште водат битка со компанијата.
Од компанијата, пак, тврдат дека досега им ги вратиле парите на најголем дел од оштетените корисници, а останале неисплатени само околу 5 отсто од вкупната бројка на побарувања.
– Не се исплатени пари само во спорните случаи, а такви ги нема многу. Во овие спорни случаи станува збор за тужби, погрешни трансакциски сметки, некаде доставената сметка е блокирана и слични проблеми. Во сите случаи на доцнење има оправдана причина зошто е тоа така. Сите што не ги добиле парите слободно може да се јават на бројот 3097-629 и таму има оператор што веднаш ќе провери во што е проблемот и зошто доцни исплатата. Без разлика колкав бил долгот, „Топлификација“ ќе им ги врати парите на сите корисници кои беа оштетени – вели Драган Макенаџиев, портпарол на „Топлификација“ АД Скопје.
Долгот на старата „Топлификација“ кон корисниците се појави пред две години, кога компанијата на дел од нив авансно во сметките им наплати многу повеќе пари отколку што потрошиле топлинска енергија. По многубројните реакции во јавноста, компанијата се обврза дека ќе им ги врати парите, а сумите беа различни и се движеа од неколку стотици до 8.000 денари.