Претседателот на САД, Доналд Трамп денеска го откажа долго планираниот и очекуваниот самит со севернокорејскиот лидер Ким Џонг- ун, кој требаше да се одржи на 12 јуни во Сингапур.
Во соопштението од Белата куќа се вели дека Трамп го откажал самитот со Ким поради „огромниот гнев и отвореното непријателство на Ким во неговото неодамнешно соопштение“.
– Се радував однапред дека ќе бидам таму со вас. За жал, поради огромниот гнев и отвореното непријателство прикажано во последната изјава, сметам дека е непримерно, во овој момент, да се одржи овој долго планиран состанок, му напиша во писмото Трамп на севернокорејскиот лидер.
– Вие зборувате за Вашата нуклеарна способност, но, нашата е толку масивна и моќна што јас го молам Господ никогаш да не биде употребена, пишува, меѓу другото, Трамп.
Американскиот претседател му се заблагодари на Ким за ослободување на заложниците, кои се сега дома со своите семејства.
-Тоа беше убав гест, кој многу го ценам, наведува американскиот претседател.
– Светот, особено Северна Кореја, загуби голема шанса за траен мир и голем напредок и богатство, оцени Трамп, додавајќи дека е пропуштена можноста и дека е „тажен момент во историјата”.
Претходно денеска, Северна Кореја повторно се закани дека ќе го откаже самитот на својот лидер Ким Џонг-ун и претседателот на САД, Доналд Трамп, додавајќи дека е подготвена за средба за нуклеарна пресметка, колку и за состанок на преговарачка маса.
Заменик-министерката за надворешни работи на Северна Кореја Чо Сон Хуи изјави дека иднината на самитот Пјонгјанг- Вашингтон е „целосно” на САД и ги осуди коментарите на американскиот потпретседател Мајк Пенс, во кои ја спореди Северна Кореја со Либија.