Не смее да има нуклеарни ниту ракетни проби, е условот што го постави американскиот претседател Доналд Трамп за средбата со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, изјави денеска министерот за финансии на САД Стив Мнучин.
– Не треба да има забуна околу тоа. Претседателот јасно стави до знаење дека услов за состанокот е да нема никакви нуклеарни ниту ракетни проби, изјави Мнучин за телевизијата Ен Би Си.
Ким минатата недела го повика Трамп на состанок, а шефот на Белата куќа на Твитер објави дека „со задоволство“ прифаќа, што претставува пресврт во односите помеѓу двете земји.
Портпаролката на американскиот претседател Сара Сандерс рече дека местото и времето на средбата на двајцата лидери дополнително ќе бидат утврдени.