Владата ја усвои третата верзија на законот – и тој влегува во собраниска процедура. Според информациите не еден туку 2 закони за медиуми ќе има пред пратениците.
Слободата на изразување и слободата на медумите може да биде ограничена само во согласност со Уставот. Членот за саморегулација по препорака на ОБСЕ е избришан, а регистрацијата на медиумите ќе се врши во Централниот регистар, како кое било друго трговско друштво, а не во новата Агенција за медуми. По препорака на ОБСЕ се воведува и административен надзор над медиумите. Тој ќе реагира по пријава на граѓани и ќе утврдува дали медиумите го почитуваат законот, во спротивно судот ќе донесе одлука доколку направиле прекршок.
Ова се дел од измените – Она што е новина е дека законот е всушност поделен на два нови закони – закон за медиуми и закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Поделбата на овој закон, вели Ивановски, доаѓа по препораката на експертот на Совет на Европа и забелешката на ОБСЕ дека првичниот текст е многу долг и може да придонесе до забуна.
Согласно законот, медиуми не се билтени, каталози, други форми на публикации, независно од средството за објавување, наменети исклучиво за огласување, образовниот систем или за деловна кореспонденција, за работата на трговските друштва, установите, здруженијата, политичките партии, државните и судските органи, јавните претпријатија, правни лица со јавни овластувања и верските организации. За медиуми не се сметаат и весниците и билтените на образовните институции, Службен весник, публикациите на единиците на локалната самоуправа, плакатите, летоците, проспектите и транспарентите. Со законот не се опфаќаат блогови, приватни веб-портали, социјални мрежи, форуми…
Изоставена е обврската за печатените и порталите да се евидентираат во Агенцијата. Агенцијата информациите за нивна потреба ќе ги обезбеди од Централниот регистар. Со цел да се поттикне македонската музичка и филмска индустрија, се воведува член за радиодифузерите да се обврзат да емитуваат домашно производство.
Со Законот за аудио и визуелни медиуми услуги се врши усогласување на Македонското законодавство со европската директива за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Во овој закон е оставен и делот што се однесува на новото регулаторно тело Агенцијата за медиуми и аудиомедиумски услуги и функционирањето на МРТ. Постоечкиот Совет за радиодифузија, ќе се преименува во Агенција за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги. Измени се направени во однос на мандатот на членовите на советот, кој е намален од 9 на 7 години, како и мандатот на директорот кој е намален од 8 на 7 години. Во однос на институциите кои што номинираат членови во советот на Агенцијата, ставени се повеќе членови од цивилното општество, намалени се претставниците од Собранието и на ЗЕЛС.