Три апсења во текот на вчерашниот ден се случиле на Аеродромот во Скопје. Според информациите на МВР вчера во 13.15 часот на Аеродром „Александар Велики“-Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување на патна исправа“, приведен е 28- годишниот К.Д.Р од Италија.
Наведеното лице приложило италијанска лична карта и бординг карта на релација Скопје-Базел, а полицискиот службеник се посомневал во исправноста на личната карта.
По дополнителниот преглед над лицето и неговиот багаж, биле пронајдени една италијанска здравствена картичка и една албанска возачка дозвола на име Е.Б. (32), за кои полицискиот службеник, исто така, се посомневал во нивната исправност.
Лицето било лишено од слобода и во 16.00 часот било предадено на инспектори од Регионалниот центар за гранични работи Север за понатамошна постапка.
По неполн час во 13.55 часот поради пречекорен туристички престој во Република Македонија, од страна на пасошката контрола на „Аеродром“ не бил дозволен излез на 27- годишната Х.Ф.Ј.од САД.
Било констатирано дека истиот престојувал подолго од 90 дена во рамките на шестмесечен период, односно истиот остварил влез во Република Македонија на 06.10.2016 година и непрекинато престојувал до 03.05.2017 година во Битола.
Со потрвда за привремено одземени предмети, од лицето била одземена патната исправа, а во текот на денешниот ден, со Барање за поведување на прекршочна постапка за сторен прекршок по член 100 став 1 алинеја 6, а казнив по член 153 став 1 точка 6 од Закон за странци, истиот ќе биде изведен пред дежурен судија за прекршоци.
По неколку часа, во 17.00 часот на Аеродром „Александар Велики“-Скопје, при пасошка контрола и дополнителни проверки, било констатирано дека 39- годишната Б.А.Е. од Полска го пречекорила дозволениот туристички престој во Република Македонија од 90 дена во рамките на шестмесечен период.
Истата во Република Македонија престојувала 113 дена. Б.А.Е. била лишена од слобода и во 19.00 часот била предадена на инспектори од Регионалниот центар за гранични работи Север за понатамошна постапка.