Во овој предизборен период доколку има потреба за дополнителни вработувања во градинките од итен и неодложен карактер, општините може да вложат во потребите на нивните граѓани кои ги опслужуваат како општина и да го зголемат бројот на вработени, а ние како Министерство за труд и социјална политика по изборниот период ќе дадеме согласност за истите и тие ќе си бидат вклучени во градинките како негователи или воспитувачи согласно каков кадар ќе има потреба.
Ова денеска го истакна министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, која со заменик-министерот за култура, Владимир Лазовски присуствуваа на редовната седница на Советот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК).
– Разговаравме со СОНК за голем дел од прашањата меѓу кои е и втората смена во градинките, дополнително усогласување со Колективниот договор или зголемувањето на платите на воспитувачите и негователите во градинките уште оваа година и истиот тренд да продолжи наредната година. Во делот на втората смена во градинките сметаме дека голем дел од граѓаните ја имаат оваа потреба и ние како Влада одговорно се однесуваме кон потребите на граѓаните, рече Царовска.
Посочи дека има потреба од поголем број кадар во градинките и додаде дека во изминатите 11 години е направен недостиг на кадар во градинките од повеќе од 2.000 луѓе, што, според неа, значи дека системски се уривала заштитата на деца во Македонија.
– Не само што немале капацитети за сместување, туку немале и кадар кој се грижи за децата. Ние тоа ќе го исправиме и ќе почнеме со вклучување на поголем број кадар уште од наредната година. Исто така од оваа година ќе почнеме со давање на реалните работни места на вработените. Во моментов во градинките се вработени на место хигиеничар, а работат како негуватели, или се вработени на место негувател, а работат како воспитувачи, што навистина треба да се исправи како неправда кон тие вработени, рече Царовска.
Додаде дека си земаат обврска тоа да го надминат и да постигнат квалитет во работењето во градинките.
Социјалниот дијалог во Македонија во изминатиот период, потенцира, бил девалвиран и за речиси ништо синдикатите и немале големо влијание и моќ. Посочи дека Владата сега ќе го даде заслуженото место на синдикатите и тие ќе можат за дискутираат по сите прашања со релеватните институции и да ги вклучат работниците во донесувањето на политиките кои директно ги засегаат нив.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека не се зголемуваат работните часови на воспитувачите и негователите во градинките, тие си се пропишани со Колективниот договор и смета дека тоа така треба да се продолжи.
– Организацијата е оставена на градинката и општината и треба само да не известат. Ние ги прибираме сите податоци како ќе се организираат меѓу себе. Во моментот градинките кои имаат пракса многу години во втора смена почнуваат со работа од 5:30 или од 6 и завршуваат во 22 часот во двосменско режимско работење. Сметам дека на тој начин ќе можат да се организираат и другите градинки, рече Царовска.
Во врска со противењето на општина Карпош на воведувањето двосменско работење на градинките, рече дека многу е важно општините да ги слушаат своите граѓани.
– Ако граѓаните на општина Карпош имаат потреба од втора смена градоначалникот треба да излезе во пресрет и да подготви по еден објект од градинките во таа општина за втора смена. Во општина Карпош се појавија родители кои имаат потреба и сметам дека тие таа волја и потреба ќе ја изразат со градоначалникот лично, истакна Царовска.
За тие кои нема да ја испочитуваат таа одлука, таа нагласи дека има одредени законски можности да проверат зошто не се почитува, како не се почитува, имаат право на надзор над градинката.
– Сметам дека нема да стигне до тоа. Сметам дека со позитивен пристап и соработка со граѓаните со општините ќе постигнеме многу. Се сретнав минатата недела со голем број директори и договоривме дека тие најголем дел ќе се организираат и ќе почнат да работат во втора смена само затоа што тоа е потреба на граѓаните, рече Царовска.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека првата смена во градинките трае до 18 часот и таа останува како и досега.
– Сега треба да ги организираат дополнителни работни часови до 22 часот со тоа што ниту едно дете не смее да седи 16 часа во градинка. Значи од 8 до 10 часа во првата смена или 8 до 10 часа во втората смена, додаде Царовска.
Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков рече дека смета оти предлогот на Владата за воведување втора смена во градинките е избрзан без оглед на тоа што сметаат дека е добра идеја.
– Меѓутоа од аспект на Синдикат не можеме да дозволиме без соодветен број извршители за прва, а сега евентуално и за втора смена да се воведува, каде се плашиме дека ќе се зголеми и бројот на работни часови кои воспитувачите и негователите ќе ги извршуваат спротивно на законот за детска заштита и колективниот договор. Тоа ќе повлече и други последици, евентуално зголемување на и така големиот број деца што може да предизвика сериозни последици во однос и на нивната безбедност бидејќи тешко ќе може да се работи со толку деца, истакна Неделков.
Упати апел до Министерството за труд и социјална политика да направи уште еден напор, како што рече, минималната плата да помине по процедура така како што треба, на Економско-социјалниот совет да се разгледа можноста за утврдување на минималната плата со предлог кој е утврден и усогласување со платите во јавниот сектор по колективните договори.
– Расправавме околу сигурноста на работните места на работниците кои ги покрива СОНК нема да дозволи намалување на ниту едно работно место. Имаме убедување од министерката за труд и социјална политика и од Министерството за култура дека сите отворени прашања кои се поставени денеска во наредниот период ќе бидат поставени на маса меѓу социјалните партнери: министерствата за труд и социјална политика и за култура со СОНК, рече Неделков.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека има потреба за вработувања во градинките.
Упати апел до сите директори на градинките кои одлучиле да организираат втора смена, да не се ни обидуваат да го изменат работното време на воспитувачите и негователите, односно да го применуваат работното време како што било и досега пропишано со закон и колективен договор.
– Имаме информации дека во некои градинки директорите се обидуваат немајќи доволно кадар да го зголемат работното време на негователите и воспитувачите заради обезбедување на втората смена со кадар. СОНК енергично ќе застане во одбрана на правата на работниците по однос на закон и колективен договор, а секое кршење на закон и колективен договор си подлежи на соодветни казни, додаде Неделков.