Цел на ДУИ ќе биде да пропаднат претседателските избори


Освен на веќе извесните предвремени избори, кои би се одржале на 27 април, Македонија можно е да трча и на вонредни парламентарни избори, ако во наскоро не стане членка на НАТО, што подразбира поместување во спорот за името. Таква опција лидерот на ДУИ, Али Ахмети, најави во интервју за телевизијата „Алсат М“, по одлуката на Централното претседателство ДУИ да ги бојкотира претседателските избори и да иницира распуштање на Собранието и оддржување предвремени парламентарни избори, пишува Дневник .

dui-1Оттука за Ахмети, септемврискиот самит на НАТО е рокот за да се најде решение за името и ако нема напредок, можни се вонредни парламентарни избори наесен, само пет месеци по предвремените избори напролет. Дека интеграцијата на земјава во НАТО ќе биде услов на Ахмети, потврда е и што токму тоа барање ќе биде прва точка на агендата од платформата на интегративците во разговорите за формирање влада со победникот од македонскиот политички кампус ако ДУИ победи на изборите во април.

Ќе се чека септември

-Имаме стагнација на евро-атлантските процеси, немаме помрднување. Сигурно дека од таму ќе почне новиот политички договор во новиот мандат, ако ДУИ победи на избори. Овие се предвремени избори, но ако нема помрднување и напредок, може да има и вонредни избори.

НАТО има самит во септември. Сакаме напредок, а не разочарување. Kаква смисла би имало ако добиеме шеста препорака за почнување на преговорите. Сме добиле пет препораки за датум. Шестата препорака би била очај и невредна – вели Ахмети во интервјуто.

Образложението е дека треба да се искористи септемврискиот НАТО-самит. Ахмети потсетува дека за земјава дури и не е потребен самит за да стане членка на алијансата, ако со Грција го реши спорот за името. За лидерот на ДУИ, ова е врвен приоритет, бидејќи за сите други прашања што биле важни за интегративците, а кои веќе биле дел од постизборните договори за формирање влада, или се затворени или има значителен напредок (амнестијата на хашките предмети, унапредувањето на употребата на албанскиот јазик…). Но, според него, и по пет години владеење со ВМРО-ДПМНЕ напредокот во евроинтеграциските процеси е нула.

Причината за промена на позицијата на ДУИ, таа да иницира предвремени парламентарни избори, се дипломатската турнеја на Ахмети лани и сугетиите на, како што вели, меѓународните пријатели. Ова е потврда на позициите на интегративците, кои пред два месеца за „Дневник“ брифираа дека е добро да се оди на двојни избори, бидејќи до септември ќе нема поместување на позициите за името поради изборите во Грција и тие за Европарламентот.

„Не“ за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ

По одлуката за бојкот на претседателските избори, Ахмети вели дека ДУИ нема да гласа за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. Цел им е изборите да пропаднат и да иницираат уставни промени за избор на шеф на државата во Собранието. Тој, сепак, вели дека не се политичка полиција за да им кажат на Албанците да не гласаат. ДУИ одлучи да ги бојкотира претседателските и да иницира предвремени парламентарни избори, откако ВМРО-ДПМНЕ не ја прифати нивната понуда за консензуален претседател.

– ДУИ одлучи да не учествува со свој кандидат на претседателскитe избори, да ги повика Албанците да не поддржат ниту еден кандидат и со тоа да му дадат лажен легитимитет на идниот претседател. Парламентарната група на ДУИ ќе поднесе иницијатива да се распушти Собранието – изјави генералниот секретар, Абдулаќим Адеми.

Иницијативата за распуштање на Собранието пратениците на ДУИ ќе ја поднесат в понеделник, а седницата за распуштање на парламентот ќе се одржи кон крајот на неделата.

Дневник

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1