Балканската мигрантска рута повеќе не постои, објави утринава премиерот на Словенија, Миро Церар, по маратонскиот состанок на лидерите на земјите-членки на Европската унија со Турција посветен на бегалската криза што се одржа во Брисел, пренесе МИА.
И покрај тоа што во завршниот документ од средбата не се најде претходно подготвениот заклучок дека „се затвора западнобалканската мигрантска рута“, туку само дека е „завршен протокот на бегалци“, сепак словенечкиот премиер потврди дека од денеска сите земји на оваа рута, вклучително и Македонија, на официјалните гранични премини треба да пуштаат само лица со валидни документи за влез.
– Да, заклучокот е малку преформулиран, но смислата останува, а тоа е дека балканската рута за илегална миграција повеќе не постои. Тоа е јасна порака што овој неформален Самит ја испрати до илегалните мигранти и криумчарите, потенцираше Церар.
Според премиерот на Словенија, овој договор кој треба да се прецизира следните десет дена до Самитот на Европскиот совет, сите држави што се на рутата преку која илегално се одвива миграција кон централна Европа, во иднина не треба да примаат мигранти.
Во тој поглед, Церар потврди дека Словенија веќе од денеска во целост ќе ги применува шенгенските правила за влез во државата, односно дека во оваа поранешна југословенска република право на влез ќе имаат смао лица со потребни документи за влез во Шенген зоната.
Оваа порака на словенечкиот премиер, значи дека од денеска и Македонија треба во целост да ги затвори илегалните гранични премини на границата со Грција, додека на официјалните премини да дозволи влез само на лица со сите потребни документи – пасош и виза ако е потребна.
Според договорот на ЕУ со Турција, илегалните мигранти што се наоѓаат на грчка територија, вклучително и оние илјадници мигранти на македонската граница, Грците ќе треба да почнат да ги префрлаат назад до грчките острови од каде со помош на НАТО и Фронтекс тие лица ќе се враќаат во Турција.