Државата е уставно одговорна за управување со националните прашања, му напиша грчкиот премиер Алексис Ципрас на поглаварот на Грчката православна црква, архиепископот Јеронимос и додава дека секогаш се отворени вратите за дијалог, а црквата, колку што може, да придонесе за Грција „во духот на единството и рационалноста, без грешките од минатото, успешно да се справи со прашањето во односите со ПЈРМ“.
Грчкиот премиер, јави дописникот на МИА од Атина, му одговори на поглаварот на ГПЦ, и вели дека сериозно ќе ги земе предвид црковните аспекти на проблемот.
„Во однос на прашањето што го споменувате, за односите со поранешната југословенска Република Македонија, дозволете ми, да Ве уверам дека мојата влада е решена да се справи со прашањето со чувство на национална одговорност, на цврста одбрана на националните интереси и стремеж кон односи на мир, соработка и пријателство со сите народи од регионот. Сериозно ќе го земеме предвид сѐ она што го споменувате во однос на црковниот аспект на прашањето. А пред сѐ, со прашањето ќе управуваме со одговорноста што ни ја дадоа уставот и изборот на грчкиот народ, во духот на дијалог и национално единство“, му напиша меѓу другото Ципрас на Јеронимос, објави МИА.
Грчкиот премиер изразува уверување дека и архиепископот ќе се согласи со него, дека во националните прашања потребно е национално единство кое се темели на почитување на различните мислења, но и на посебните улоги, а националното единство, според Ципрас е поткопано од нетолерантноста, радикалните ставови кои како што пишува, во име на нацијата, во минатото доведоа до национални порази.
Одговорот на Ципрас, доаѓа откако архиепископот Јеронимос, преку допис, на грчкиот премиер му ја соопшти одлуката на Светиот синод на ГПЦ, дека во однос на прашањето за името, не прифаќаат никаква употреба на терминот Македонија.
Поглаварот на Грчката православна црква, во писмото вели дека грчката црква не сака да се меша во работата на Министерството за надворешни работи, но укажува на „опасноста од можно пренесување на проблемот со името на соседната држава, од политичко на црковно ниво и зачувување на иредентизмот во соседната земја, преку името на расколничката црква на Скопје“.
Архиепископот Јеронимос, побара од Ципрас, во договорот за името да се погрижи и за името на црквата во кое не треба да биде вклучен терминот Македонија или изведените зборови.
Прашањето за името, јавува дописникот на МИА од Атина, беше причина, да се отвори нов фронт во Грција, меѓу владата и црквата. Светиот синод на ГПЦ преку соопштение рече дека не го прифаќа ниту терминот Македонија ниту изведените зборови, следеше писмото на грчкиот архиепископ до Ципрас, потоа извори од грчкото МНР за „Катимерини“ упатија остри критики до грчката црква, за на крај Алексис Ципрас, во обид да ја подобри климата, му одговори на Јеронимос.