Ципрас: Договорот од Преспа ги отвора Грците кон светот


Прототип на грчката позиција за пристап на соработка и комуникација со сите соседи е Договорот од Преспа, договор кој ги отвора Грците кон светот, а на Солун му дава можност одново да стане престолнина на Балканот, рече грчкиот премиер на свеченотот отворање на Меѓународниот саем во Солун.

Алексис Ципрас изрази надеж дека Солун треба да биде срцето на балканскиот развој, точка на трговија и економска размена, мост на цивилизации, а не ѕид и град со завртен грб кон соседите.

– Со овој отворен хоризонт, со самодоверба и разбирање, со расположение за соработка и комуникација им пристапуваме на сите наши соседи. Ова го правиме во економијата и трговијата, ова го правиме во културата, ова го правиме и во нашите меѓународни односи. А прототип на оваа позиција е и договорот што го постигнавме со нашите северни соседи, Договорот од Преспа што го отвора Солун, што ја отвора Северна Грција, ги отвора Грците кон светот, а главно, ја претвора нашата земја во фактор на решенија и столб на стабилност, мир и соработка во поширокиот регион, рече грчкиот премиер кон крајот на неговиот едночасовен говор на свеченото отворање на саемот, а делот посветен на Договорот од Преспа наиде на аплаузи кај присутните во салата.

– Денес сакам да ја споделам со вас визијата, да ја направиме Грција повторно наша. Грција на просперитет, на еднаквост и напредок. Имаме план и го спроведуваме во пракса. Овој план се вика праведен развој, рече грчкиот премиер објаснувајќи дека се однесува на обновување на работата, обезбедување достојни услови за работа со соодветни плати за сите, намалување на невработеноста за Грција „да стане нов светски прототип, нов алтернативен пример за развој и просперитет“

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1