Процесот на ратификација на Договорот од Преспа во Грција ќе започне веднаш по завршувањето на уставните измени, а протоколот за НАТО ќе биде ратификуван подоцна од технички причини, вели во интервју за телевизијата Open TV грчкиот премиер Алексис Ципрас, пренесе Нетпрес.
Тој изрази уверување дека во парламентот има мнозинство, како за договорот од Преспа, така и за довербата во Владата.
– Имам намера, откако промените ќе бидат изгласани во Парламентот во Скопје и кога Министерството за надворешни работи ќе биде информирано, резултатите веднаш да ги предадам на претседателот на државата, на претседателот на парламентот и на партиите, истакнува Ципрас.
Во врска со втората обврска на Грција во однос на протоколот за членство во НАТО, Ципрас рече дека сè ќе зависи од процесите во самата Алијанса.
Ова ќе се случи подоцна, но не многу подоцна, од технички причини, бидејќи не можеме да ја ратификуваме интеграцијата во НАТО ако договорот не стапи на сила со согласност на грчкиот парламент, објасни Ципрас во интервјуто.