Поради тешките повреди на главата добиени по падот за време на скијање на 29-ти декември минатата година, Шумахер до јуни беше во вештачка кома.
Тој потоа беше префрлен во рехабилитациската клиника во Лозана, а од пред два месеци се наоѓа на домашно опоравување.
Поранешниот лекар во Формула 1 Гери Хирштајн тврди дека на славниот германски возач му преостанале максимум неколку години живот.
Британските медиуми наведуваат дека неговата сопруга Корина секој ден е со Шумахер, а за една недела трошат 100.000 фунти за лекување.
Според информациите Шумахер е во состојба на „минимална свест“ во која може да ги движи очите и со климнување на главата да одговара на едноставни прашања. Тој реагира на звуци, но се уште е неподвижен. Германецот се храни со помош на цевчиња.
Хирштајн го предупреди семејството на Шумахер да се подготви за најлошото.
-Очекуваниот животен век на пациентот, кој не покажува невролошки подобрувања се движи од неколку месеци до неколку години. Соопштено ни е дека Шумахер не е повеќе во кома. Тоа не е вест. Јас не можам да помогнам, но мислам дека ова е погрешна интерпретација на она што се случува. Мораме да бидеме реални и да кажеме дека како одминува времето постојат се помали шанси неговата состојба да се подобри, изјави Хирштајн додавајќи дека Шумахер најверојатно и натаму се наоѓа во некаков вид на кома.