Њујорк, американскиот град со приближно 9 милиони жители и богата култура, историја и финансии, се наоѓа во опасна зона на климатски промени.
Некои велат дека веќе пристигнала. Њујорк е прогласен за најчувствителен град на пораст на нивото на морето, а се проценува дека ќе бидат погодени 2,9 милиони луѓе и уништен имот во вредност од 2,1 трилиони долари доколку нивото на морето продолжи да расте, пишува Business Insider.
Ураганот Сенди е само еден од симптомите на глобалното затоплување и прв знак на предупредување. Страшните ветрови корнеле стебла и електрични водови, уништувале автомобили и куќи. Илјадници домови во Њујорк наеднаш останале без струја. Се проценува дека градот изгубил околу 25 милиони долари во работни активности.
Колку и да бил катастрофален Сенди, бил само предупредување за полоши појави. Претходните генерации преживеале само еден ураган од размерот на Сенди, а се проценува дека идните генерации ќе доживеат 20 такви. Иако климатските промени се најзаслужни за кревањето на нивото на морето и зголемувањето на температурите, ќе се зголеми и размерот на невремињата. Како земјата се загрева, сè повеќе водена пареа, која е гориво за ураганите, влегува во атмосферата.
Нема само воздухот да стане потопол. Колку повеќе океаните се загреваат, ураганите како Сенди кои настануваат во Атлантикот, ќе станат поинтензивни. Нивото на морињата ќе расте, а поплавите ќе зачестат. На крајот, се проценува дека големи делови од Њујорк ќе бидат поплавени.
Нивото на морето во Њујорк се зголемило за цел метар и половина од средината на 1800-тите години. Како резултат на тоа, опасните бранови сега можат да го преплават Менхетн 20 пати повеќе отколку што било можно пред 170 години.
Се проценува дека плажите ќе исчезнат во целост. Просечната температура во Њујорк, во наредните години се очекува да порасне од 27 на 33 степени Целзиусови. Трендот на константното загревање трае од 19. век, пишува Business Insider.
Постојат и планови за спречување на уништувањето на најголемиот американски град, кои ја вклучуваат зелената “тампон зона” наречена “Големо У”. Планот е долниот дел од Менхетн да се загради со вештачки насипи, градини и зелени ридови. За проектот веќе се одобрени 350 милиони долари државни пари, а почетокот на градбата се очекува во наредните неколку години.