Цветници- предвесник на Велигден


Празникот Цветници познат уште и како Цветоносна недела и Врбица, секогаш е една недела пред Велигден и се празнува во спомен на влегувањето на Исус Христос во Ерусалим, кога неговите ученици и симпатизери со цвеќе и врбови гранчиња, како и со својата облека, му го постилале патот.

Неделата, една седмица пред Велигден е празникот Цветници познат уште и како Цветоносна недела и Врбица, што се празнува во спомен на влегувањето на Исус во Ерусалим, кога неговите ученици и симпатизери кршеле цвеќе од дрвјата и врбови гранки и со нив, како и со својата облека му го постилале патот по кој минувал. Саботата пред Цветници се вика Лазарева Сабота или Лазарица, односно Лазара. Според преданието, во саботата умрел Лазар од Витанија, а во неделата Исус го воскреснал. Поради тоа во народот неделата се смета за поголем празник од саботата.

Според тогашните закони учител можело да биде само лице што наполнило триесет години. Исус веќе четврта година го проповедал своето учење, а бидејќи за Пасха мноштво народ доаѓал во Ерусалим за да го прослави празникот и Исус по четврти пат доаѓал како учител.

Но тогаш разбрал дека неговиот пријател Лазар од Витанија е тешко болен. Исус веднаш се упатил таму, но стигнал четири дена по неговата смрт и по погребот. Сестрите на Лазар, Марта и Марија, го прекориле Исуса велејќи му дека ако дојдел на време немало Лазар да умре. Марта му рекла: „Господи, ако беше Ти овде, немаше да умре брат ми. Но и сега знам што и да посакаш од Бога, Бог ќе ти даде“.

Легендата вели дека Бог сакал Лазар да умре за врз него да се манифестира силата Божја. Кога дошол до гробот, Исус го повикал Лазара: „Лазаре, излези надвор“. И Лазар веднаш излегол завиткан со платно на рацете и нозете и со крпа околу лицето. Сите што го виделе тоа се почудиле и поверувале дека Исус е синот Божји. Со овој чин Исус уште повеќе се здобил со слава. И пак се упатил кон Ерусалим.

Кога стигнал во подножјето на Маслиновата гора, Исус пратил двајца свои ученици во Витфагија за да му донесат осле (магаре) и ослица. Им рекол: „Одете во селоно, што е наспроти вас и веднаш ќе најдете врзана ослица и осле со неа; одврзете ги и доведете ми ги. А ако ви рече некој нешто, ќе му кажете дека му се потребни на Господа и веднаш ќе ги прати“.

Учениците ги донесле, а потоа ги ставиле на ослето своите облеки врз кои седнал Исус и така влегол во Ерусалим поздравен од мноштво народ. Ваквиот пречек на Исус во Ерусалим бил последица од неговата голема популарност меѓу народот уште повеќе зголемена по воскреснувањето на Лазара. Се поставува прашањето, зошто Исус во Ерусалим влегол качен на магаре?

Толкувачите на Светото Писмо истакнуваат дека кај источните народи магарето било симбол на мирот, наспроти коњите што служеле за водење војни. Магарето мирно му служело на човекот, како што и Исус му служел на народот. Пречекувајќи го Исуса воодушевениот народ со цвеќе, врбови гранки, но и со својата облека го постилал патот и пеел: „Осана на синот Давидов. Благословен е оној кој доаѓа во името Господово. Осана на вистините“.

Во спомен на ова свечено влегување на Исус во Ерусалим уште од најраните христијански времиња е востановен празникот Цветници кој, меѓутоа, се празнува од III век. На иконата овој чин е насликан како Исус јава на магаре, а неговите ученици и народот му го постилаат патот со цвеќе и облека.
Македонија

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1