На сафари во Јужна Африка, 22 годишна Американка вчера била нападната и убиена од лавица. Девојката не се придржувала до правилото низ паркот полн со диви животни да вози со затворени прозорци на автомобилот. Лавицата ја нападнала преку отворениот прозорец!
Водичот кој се обидел да ја спаси девојката е со тешки повреди пренесен во болница. Американката чиј идентитет не се открива, го загубила животот.
Полицијата ги поседува фотографиите од нејзината камера – таа се до нападот ја фотографирала лавицата од непосредна близина.
Ова не е првпат туристите да го игнорираат правилото да поминат низ паркот со заклучени автомобили и затворени прозорци – тие за да добијат што подобра фотографија ги отвораат прозорците на возилата и ги сликаат дивите животни одблизу.
На фотографиите од несреќната девојка, како и на фотографиите од другите туристи кои биле во паркот во моментот на нападот, се гледа дека на возилото и двата прозорци биле сосема отворени.
Скот Симпсон, менаџер на паркот, за Дејли мејл изјави дека девојката ја сликала лавицата на оддалеченост од само еден метар.
– Според сведоците лавицата и скокнала на девојката и почнала да ја гризе. Екипажот на паркот успеал да ја тргне лавицата од туристката, но кога медицинската екипа пристигнала таа починала – вели Симпсон.
Ова е трет напад на лавови на туристи за само 4 месеци. Во март австралиски турист кој исто така го разгледувал живеалиштето на лавовите со отворени прозорци на автомобилот, бил нападнат и тешко повреден од лав.
– Ние јасно кажуваме дека не смее да се вози со отворени прозорци, предупредувања има насекаде, делиме летоци. Не рзбирам зошто луѓето не ги почитуваат овие предупредувања, зошто мислат дека е во ред да поминуваат со отворени прозорци на автомобилите – вели Симпсон.
Американската амбасада го потврди инцидентот во кој загина нивна државјанка. Лавицата која ја убила девојката е откриена и изолирана. Нема планови за нејзино уништување- пишува Дејли меjл.