Српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ објавил дека полицијата го уапсила озлогласенито српски наркодилер Драгослав Космајац и седум негови помошници, пренесува РТС
Драгослав Космајац е уапсен денеска во Белград во својата куќа. Космајац се криел веќе 4 месеци, а со него билe уапсени уште 7 лица за соучество. Тој се терети за 5 кривични дела, oдреден му бил притвор од 48 часа, a во тој период ќе биде сослушан пред обвнителството.
Космајац на српската полиција ѝ бил познат по многу внимателното работење. Тој, имено, „никогаш сам не доаѓал во контакт со наркотиците ниту пак со лицата што директно ги изведувале тие работи“. Тој се криел и од јавноста.
„Многу темелно и внимателно работевме на собирањето докази за да му го одземеме имотот на нарко-босот“, изјавил Стефановиќ.
Стефановиќ додал дека на овој случај се работело и пред 15 години, но дека дури сега бил завршен поради новосоздадената политичка воља во Србија. Тој истакнал дека во Србија нема недопирливи, истакнувајќи дека државата не се плаши од никого.
Блиц пишува дека нарко шефот бизнисот го водел од својот стан во белградска Звездара, а парите од тргувањето со дрога ги инвестирал во бизнисот со недвижности. Космајац бил вклучен во изградбата на станови низ цел Белград, но со недвижности работел и низ цела Европа. Вредноста на неговите куќи, станови, локали и земјишта надминува 10,7 милиони евра.
Сличност со апсењето на Ал Капоне
Српскиот министер за полиција случајот го споредил со истрагата на ФБИ и апсењето на Ал Капоне, додавајќи дека и Капоне „паднал“ токму на неплатениот данок.
Космајац во „Белата книга на организираниот криминал“ која ја објавило српското МВР бил наведен како еден од најзначајните трговци со дрога во Србија.