Уапсен Ламбе Алабаковски – го запалил Културниот клуб во Битола


Пејачот Ламбе Алабакоски е приведен за пожарот во клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола, потврдуваат извори од МВР.

Министерот Спасовски не сакаше официјално да открие дали станува за него, но вели дека самиот го признал делото. Вели дека прегладени биле камерите, не само пред објектот, туку и на други објекти во градот. Извршен е и претрес во домот и во други објекти, кадешто биле пронајдени предметите кои се користеле, како и облеката.

-Имаме неспорни и несоборливи докази. Лицето е приведено во ПС и во моментот очекуваме дека ќе биде изнесен пред надлежниот судија на претходна постапка. МВР бара одредување на мерка притвор заради тоа што се исполнети условите во однос на ваквото барање. Сепак, јас би сакал да почекаме одлука на надлежниот суд, вели Спасовски.

Бугарскиот премиер Кирил Петков го поздрави откривањето на сторителот.

-Благодарност до властите во Република Северна Македонија и до премиерот Димитар Ковачевски за ефективно постапување со кое за што пократко време го фатија пироманот. Апсолутно нема да подлегнеме на провокации кои имаат за цел да ги саботираат односите со нашите соседи, вели Петков.

Алабаковски бесплатно ќе биде застапуван од адвокатите Јанаки Митровски и Драган Пешевски кои се организираа преку социјалните мрежи, а судејќи според коментарите добиваат поддршка и од јавноста. Митровски вели дека прво ќе треба да се види за што ќе се товари пејачот. Според информациите што ги обелодени МВР, Алабакоски ќе се товари за предизвикување општа опасност за што казната се движи од шест до пет години.

-Што по мое скромно мислење нема простор од причина што по моите сознанија клубот во моментот бил затворен, внатре немало никој, што значи дека со самиот пожар не е предизвикана опасност кон никого, ниту пак, материјалната штета е од големи размери за да може да се гони по тој член од кривичниот законик. Единствено што треба да одговара е за нарушување на јавен ред и мир од член 27, односно за причинување пожар во јавна зграда. Не гледам друг постор освен ако не се оди линија на политички притисок, бидејќи сепак ова е меѓународен инцидент и само така би можел Алабакоски да заврши како обвинет на суд, појаснува Митровски.

Алабакоски е поп-пејач кој во изминатите неколку години живееше во Соединетите Американски Држави. Пред неколку месеци се врати во Македонија со своето семејство.

Фокус пишува дека еден ден по инцидентот со бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ тој настапувал на Валандово фест, а неговите колеги велат дека ништо не наговестувало оти Алабакоски стои зад палењето на клубот. Тој немал никакви изгореници, ниту покажувал вознемиреност.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1