Ослободителна народна армија (ОНА) ги испланирала и извела минатонеделните напади на полициските станици во Тетово и Куманово, објави пораталот на албански јазик ИНА. Според соопштенијата кои ОНА ги доставила до редакцијата по електронски пат, тие ги нападнале и полициската станица во Гостивар, Бит Пазар и касарната Илиднен каде се сместени специјалните единици. Сепак ,освен експлозиите пред станиците во Тетово и Куманово други инциденти не беа регистрирани.
“Вечерта на 9-ти декември, околу 20 часот единици ОНА изведоа координиран напад на полициската станица Бит Пазар во Скопје, специјалната единица ЕБР, и станиците во Тетово, Гостивар и Куманово”, вели во соопштението на ОВК, потпишан со името “Куштрими”.
Покрај ова, доставено е уште едно соопштение во кое е изразена загриженост за состојбата и положбата на албанското население во Макеоднија и во кое се бара межународна интервенција. И ова соопштение е потпишано од “Куштрими”. Ова е втор пат ОНА да презема одговорност за терористички акции кои се случуваат во Македонија бидејќи тие наводно стојат и зад гранатирањето на владата. Засега МВР не излезе со официјални информации дали ваква организација постои и дејствува на територијата на Македонија. Преку соопштенија ОНА тврдеше и дека оружени формации патролираат во сите места со албанско население што потоа тоа го потврди и заменик министер за внатрешни работи Земри Ќамили но потоа беше демантиран во врвот на МВР.