Променливо облачно време со умерен до засилен ветер од јужен правец, чија брзина на моменти ќе достигне околу 80 километри на час, а на планините и над 100 километри на час, јавува Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во текот на ноќта врнежите на планините ќе преминуваат во снег. Пообилни врнежи се очекуваат на западот и на североистокот од земјава локално околу 25 литри на метар квадратен.
Утре изутрина врнежи од дожд ќе има во крајните источни делови од земјава, а преку денот врнежите ќе бидат повеќе застапени во западните делови, но нема да бидат обилни. На планините ќе врне снег, а до крајот на денот снежната граница ќе се спушти до околу 600 м.н.в. Локални врнежи од снег ќе има и во понеделник, особено претпладне во западните делови, каде на повеќе места ќе се формира и снежна покривка. Под влијание на северно струење температурите од понеделник значително ќе опаднат.
Утринската температура ќе се движи од минус еден до осум, а дневната од два до 12 степени.