Умре на породување поради лекарите – не сакале да ја допрат зошто преживеала ебола


На 21 февруари, четири дена по породувањето, починала Саломе Карва, жената што беше симбол на борбата против еболата и Личност на годината на магазинот „Тајм“ за 2014 година.

Наводно луѓето во болницата не сакале да ѝ помогнат, правдајќи се дека „таа имала ебола“.salome

Од ебола починаа родителите на Карва, браќата и речиси сите роднини во август 2014 година. И таа беше заразена, но успеа да преживее.

Истата година таа пишуваше во „Гардијан“ со намера да го сподели своето искуство и да им помогне на заболените, бидејќи по излекувањето работеше во центар на Лекари без граници во Либерија.

Саломе починала на 21 февруари, четири дена откако го родила своето четврто дете.

– Ѝ се слоши, беше префрлена во болница, но никој не сакаше да ја допре додека повраќаше и се онесвестуваше. Вработените беа во паника и викаа дека имала ебола. Не сакаа да бидат во контакт со неа, само ја оставија, никој не сакаше да ѝ даде ниту инјекција. Можеби ќе преживееше да ѝ понудеа помош – раскажала нејзината сестра Џозефина Менли.

Менли не знаела да каже од што точно ѝ се влошила состојбата на сестра ѝ, но претпоставува дека можеби нешто тргнало наопаку за време на царскиот рез.

– Моето срце е скршено. Таа ги обожаваше своите деца. Едногодишното и новороденчето ќе растат без да ја познаваат својата мајка – тагувала сестрата на Саломе.

Саломе Карва во 2014 година говореше дека луѓето треба да се борат против стигматизација на заболените од ебола и дека медицинскиот персонал треба да најде среќа во тоа што се бори за животот на пациентите со тешки болести, како што тоа го правеше таа.

– Ги третирав пациентите како да се мои деца. Им зборував за своите искуства. Им ја раскажував мојата приказна за да ги инспирирам и да им кажам дека можат да преживеат – говорела Саломе.

Ела Ватсон-Страјкер, која работела со Карва во Либерија и исто така се најде на насловната страница на „Тајм“ меѓу борците против ебола, изјавила: „Да преживееш ебола и потоа да умреш од пропуст во здравствениот систем… не знам што да кажам.“

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1