Умре најбруталниот сериски убиец и водач на секта Чарлс Менсон


Еден од најозлогласените криминалци на светот, Чарлс Менсон, почина денеска во болница во Коркоран во Калифорнија на 83-годишна возраст.

Менсон беше осуден на доживотен затвор за морничавиот масакр што неговите следбеници го извршја во 1969 година во куќата на режисерот Роман Полански.

Како неуспешен музичар со долго криминално досие од млади години, Менсон формирал сатанистички култ во Калифорнија. Гневен на музичкиот продуцент Тери Мелчер, кој одбил да објави албум со негови песни, Менсон ја организирал неговата банда да ја нападне неговата куќа.

Менсон и неговите четири соучесници не знаеле дека куќата во меѓувреме му била изнајмена на режисерот Полански.

За време на нападот, во куќата биле бремената сопруга на Полански, актерката Шерон Тејт и група нејзини пријатели. Групата на Менсон подолго време ги малтретирала Тејт и нејзините гости, за на крај да ги убијат и со нивната крв да испишат пораки на ѕидовите на куќата.

Чарлс Менсон ја шокираше американската јавност и со неговото однесување за време на судењето, за време на кое се потсмеваше со жртвите и истетовира кукаст крст на своето чело.

Освен масакрот во куќата на Полански, Менсон беше осуден за уште неколку убиства, а неговата група планирала да го убие и претседателот Џералд Форд. Во сите случаи, Менсон давал наредби, но самиот не учествувал во убивањето.

Сместен постојано во затвор од 1971 година, а од 1989 година во самица, при што затворските власти одбија 12 барања за помилување.

Во затвор Менсон преживеа еден обид за убиство од страна на затвореник, а се обиде и да се ожени, но се откажа од планот наводно затоа што вереницата сакала да го употреби неговото тело како туристичка атракција по смртта.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1