Војниците дури имаат и наредба да пукаат доколку почувствуваат дека им е загрозена безбедноста од напливот бегалци што ќе се создаде на границата Вооружени со автомати околу 4.300 унгарски војници ќе ја чуваат границата со Србија
Унгарија од утре целосно ќе ги затвори своите граници за бегалци, а премиерот Виктор Орбан се заканува дека секој кој, сепак, ќе успее да влезе во неговата земја ќе го врати во Србија.
Како што пренесуваат српските медиуми, за таа цел во местото Реске, на границата меѓу Унгарија и Србија, распоредени се 4.300 унгарски војници вооружени со автомати, кои дури добиле и дозвола да пукаат доколку мигрантите на некој начин ги загрозат.
Србија и сите земји на овој „бегалски пат“ низ Балканот оваа есен и зима ги чека драма, бидејќи во ЕУ проценуваат дека следните месеци дури 500.000 мигранти ќе се обидат да влезат во Унијата!
Од границата со Унгарија, пристигнуваат вести дека бројот на мигранти се зголемува бидејќи тие сакаат да ја минат шенгенската граница пред 15 септември, за кога Унгарија го закажа целосното затворање на границата за бегалците.
Белградскиот весник „Блиц“ ги праша српските министри што Србија ќе направи кога Орбан ќе ја затвори границата и ќе почне да ги враќа бегалците.
-Србија и натаму ќе биде добар домаќин, кон бегалците ќе се однесува хумано, во согласност со европските вредности и меѓународните закони. Доколку нивното движење дополнително биде отежнато, можно е да се промени правецот или да се најдат некои други начини за тие да пристигнат до својата крајна дестинација. Тие луѓе немаат веќе што да загубат, за „Блиц“ изјави министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ.
Српското МВР истакува дека и натаму интензивно работи на евиденцијата и регистрацијата на сите лица кои влегуваат и излегуваат од земјата.
– Ако Орбан мисли да ги враќа бегалците, тоа ќе биде невозможно бидејќи само 500 од нив побараа азил кај нас. Сите сакаат во западна Европа и никој не ќе може да ги запре, јасен е шефот на српската дипломатија, Ивица Даčиć.
Министерот за социјална политика Александар Вулин потврдува дека се очекува поголем прилив од бегалци.
– Заради тоа на северот од земјата бараме соодветен привремен капацитет, каде мигрантите ќе можат да се засолнат од зимата. Исто така, се зголемуваат и капацитетите во Прешево, додека меѓу Миратовац и Прешево е обезбеден превоз со воз за на овие луѓе да им се овозможи побрзо минување, објаснува Вулин.
Тој потенцира дека Србија нема да гради трајни објекти за згрижување на бегалците.