Околу 77 милиони новороденчиња – или едно од две – не се ставаат на градите во првиот час по раѓањето, лишувајќи ги од основните хранливи материи, антитела и контакт „кожа-на-кожа“ со мајката, што ќе ги заштити од болести и смрт, вели УНИЦЕФ.
„Оставањето бебињата предолго да чекаат на првиот пресуден контакт со мајката надвор од матката ги намалува нивните шанси за преживување, го ограничува создавањето на млеко во градите и ги намалува шансите за исклучиво доење“, рече Франс Бежен, виш советник за исхрана на УНИЦЕФ. „Ако сите бебиња не се хранат со ништо друго освен со мајчино млеко од моментот кога ќе се родат па сè додека не наполнат шест месеци, ќе се спасат повеќе од 800.000 животи секоја година.“
Напредувањето со задојување на поголем број новороденчиња во првиот час од животот е бавно во последниве 15 години, покажуваат податоците на УНИЦЕФ. Во супсахарска Африка, на пример, каде стапката на смртност кај децата на возраст под пет години е највисока во светот, раното задојување порасна за само 10 процентни поени од 2000 година во Источна и во Јужна Африка, но остана непроменето во Западна и Централна Африка.
Дури и во Јужна Азија, каде стапката на рано почнување со доењето трипати се зголеми во 15 години – од 16 отсто во 2000 година на 45 отсто во 2015 година – порастот е далеку од доволен: 21 милион новороденчиња сè уште предолго чекаат на задојување.
Колку подолго се одложува доењето, толку е повисок ризикот од смртност во првиот месец од животот. Одложувањето на доењето од 2 до 23 часа по раѓањето го зголемува ризикот од смрт во првите 28 дена од животот за 40 проценти. Одлагањето за 24 часа или повеќе го зголемува тој ризик на 80 проценти.
„Мајчиното млеко е првата вакцина на бебето, првата и најдобра заштита што ја има од разболување и болест“, изјави Франс Бежен. „Со состојба во која на новороденчињата отпаѓаат речиси половина од сите смртни случаи на деца под пет години, раното задојување може да значи живот или смрт.“
Анализите на УНИЦЕФ покажуваат дека жените не ја добиваат потребната помош за да започнат со доење веднаш по раѓањето, дури и кога лекар, медицинска сестра или бабица им помагаат при породувањето. На Блискиот Исток, во Северна Африка и во Јужна Азија, на пример, жените кои се породуваат во присуство на обучен кадар имаат помали изгледи да започнат со доење во првиот час од животот, во споредба со жените кои се породуваат во присуство на неквалификувани помагачи или роднини.
Хранењето на бебињата со други течности или храна е уште една причина за одлагање на задојувањето. Во многу земји, вообичаено е бебето да се храни со вештачко млеко, кравјо млеко или со зашеќерена вода во првите три дена од животот. Речиси половина од сите новороденчиња се хранат со овие течности. Кога на бебињата им се даваат понехранливи алтернативи на мајчиното млеко, тие поретко цицаат, со што на мајките им се отежнува да започнат и да продолжат со доење.
Во светот, само 43 отсто од бебињата помали од шест месеци се исклучиво на доење. Бебињата кои воопшто не се дојат имаат 14 пати поголеми шанси да починат во споредба со оние кои се хранат исклучиво со мајчино млеко.
Но, било кое количество на мајчино млеко го намалува ризикот од смрт на детето. Бебињата кои воопшто не примиле мајчино млеко имаат седумпати поголеми изгледи да починат од инфекции во споредба со оние кои примиле барем малку мајчино млеко во првите шест месеци од животот.