Офелија е десетти последователен ураган што оваа година се формирал над Атлантикот, откако тропската бура денес се засили и премина во ураган од прва категорија. Овој ураган уште повеќе ќе ги зголеми температурите во Европа, велат британските метеоролози.
Со ова е изедначен рекордот од пред еден век, кога толку голем број на урагани во една сезона се повторил трипати, во 1878, 1886 и 1893 година, објавија британските метеоролошки служби.
Тие предупредуваат дека ураганот може да стигне до Велика Британија до понеделник, а би требало да дојде до ирскиот брег до вторник, пренесуваат британските медиуми.
Се очекува од невремето најмногу да бидат погодени северните и западните делови на Велика Британија, а брзината на ветерот може да достигне 130 километри на час.
Метеорологот Хана Финдли рече дека Офелија треба да остане ураган од прва категорија кога ќе помине во недела западно од Португалија, а во понеделник ќе се упати кон Велика Британија.
Невремето дополнително ќе ги зголеми температурите во Европа, кои ќе бидат од пет до седум степени повисоки од нормалните, рече таа.
Ураганот денес беше лоциран на околу 1145 километри југозападно од Азорските острови, со брзина на ветерот до 150 километри на час и се движи во правец на север-североисток со брзина од четири километри на час. Мала промена на силата на ураганот се очекува во следните 48 часа.