Според најавата на метео-алармот од Управата за хидрометеоролошки работи, територијата на целата држава, во текот на утрешниот ден и задутр ќе биде биде зафатена со повисоки температури кои ја дефинираат жолта, односно алертна фаза. Станува збор за температури од 34 до 40 степени, зависно од регионот. Деновите со повисоки температури се очекува да траат до крајот на неделата, соопшти Министерството за здравство.
Им се препорачува на граѓаните да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури, како што се: заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, консумација на лесна храна и течности, хигиена на раце и хигиенски начин на подготовка на храната. Посебно внимателни да бидат постарите, хронично болни лица, кои треба редовно да ја земаат од лекар препишаната терапија и без неопходна потреба да не излегуваат надвор од домовите.
Поради високите темепратури и зголемената можност за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања, потребно е темелно миење на овошјето и зеленчукот пред нивната употреба, добра термичка подготовка на храната, задолжително чување на храна во фрижидер на + 8 степени, како и избегнување консумација на лесно расипливи производи, како што се разни кремови, мајонези, сладолед.
„Воедно, информираме дека пунктови за превенција од топлотни бранови континуирано функционират низ целата држава, секој ден во периодот од 18.30 до 21.30 часот. Во сите градови низ држава на плоштади или паркови се поставени превентивни здравствени пунктови за бесплатни прегледи каде на граѓаните им се мери крвен притисок, се делат флаери, и се добиваат здравствени совети за превенција од топлото време. Во Скопје се поставени три мобилни пунктови, од кои еден се наоѓа на пешачката патека кај реката Вардар и по два мобилни пункта се распоредени во сите скопски општини“, се наведува во соопштението.
Повеќе информации за топлотните бранови може да се прочитаат на интернет страницата www.toplotnibranovi.mk.