Утре техничка влада, денеска се чека решение за техничкиот министер за внатрешни работи


Техничка влада се формира сто дена пред избори, а премирот Заев најави дека на 3 јануари ќе поднесе оставка од премиерската функција. Според процедурата Парламентот ја констатира оставката и со тоа паѓа целата влада, а потоа претседателот Стево Пендаровски треба да му даде мандат на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој од највисоките партиски тела на СДСМ беше предлогот за технички премиер. Спасовски потоа треба да ја предложи новата влада, а Парламентот да ја изгласа и тој владин состав ќе управува со земјава во перидот до изборите и формирање на новата влада.

Спасовски го прифаќа предизвикот, сепак не и предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за министер за внатрешни

Спасовски вчера за време на посетата на Тетово изрази верување дека опозицијата ќе предложи нов кандидат кој ќе го раководи Министерството за внатрешни работи. На новинарско прашање дали очекува нов предлог од опозицијата тој одговори потврдно.

ВМРО-ДПМНЕ минатата сабота го предложи Драган Ковачки за нов технички министер за внатрешни работи, а кај власта предлогот отвори дилема дали е во согласност со Уставот, откако беше истакнато дека станува збор за воено лице на служба во Армијата. Ковачки доаѓа од АРМ и е со чин полковник. Тој има долга кариера во војската, меѓудругото и како Командат на 1. механизирана пешадиска бригада.

Заев, по саботната средба со Мицкоски, наведе дека станува збор за воено лице и оттука излегува дилемата дали Уставот согласно член 97 тоа го дозволува, Законот за служба во Армијата и Законот за служба во МВР.

Во преодната влада опозицијата, освен министер за внатрешни, добива и министер за труд и социјална политика, како и дополнителни заменици министри за финансии, информатичко општество и администрација и за земјоделство, а власта добива заменици во МВР и МТСП.

На седниците на Извршниот и Централниот одбор на СДСМ на 27 минатиот месец Спасовски беше избран за технички премиер, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска за вицепремиер за економски прашања, на местото на Кочо Анѓушев. Избрани беа и двајца дополнителни заменици министри во преодната влада – Славјанка Петровска во МВР и Санела Шкријејљ – во МТСП.

ВМРО-ДПМНЕ за министер за труд и социјална политика во техничката влада ја предложи Рашела Мизрахи, за заменик-министер за земјоделство Цветан Трипуновски, за заменик – министер за финансии Гордана Димитриеска Кочоска и за заменик-министер за информатичко општество и администрација Невенка Стаменковска Стојковски.

Мандатот на техничките министри и замениците-министри трае до денот на објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за спроведените предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, по што тој им престанува по сила на закон.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1