Ватикан: Пронајдени човечки коски, се сомневаат дека станува збор за посмртните останки на малата Емануела


Работници пронашле човечки коски во амбасадата на Ватикан во Италија и полицијата го истражува случајот, соопшти Ватикан.

Италијанските медиуми јавуваат дека форензичарите се обидуваат да утврдат дали станува збор за посмртните останки на Емануела Орланди, 15-годишно девојче, ќерка на вработен во Ватикан, која исчезнала во 1983 година.

Ватикан наведува дека делови од коски се откриени при обновата на амбасадата на Светата столица во близина на Галеријата Боргезе во Рим.

Исчезнувањето на Емануела Орланди е една од најголемте мистерии во современата италијанска историја. Таа беше грабната на 22 јуни 1983 година откако го напуштила семејниот дом во Ватикан и отишла на час по музика во Рим. Имаше само 15 години.

Нејзиното исчезнување првично се поврзуваше со можен обид на непознати лица да издејствуваат ослободување на Мехмет Алија Агџа, турскиот напаѓач што изврши атентат врз папата Јован Павле Втори во 1981 година и во тоа време служеше доживотен затвор во италијански затвор.

Во 2005 година анонимно лице се јавило во телевизиска емисија и рекло дека тајната на грабнувањето на Орланди е закопана заедно со Енрико Де Педисо, мафијаш кој бил на чело на озогласена банда која во осумдесеттите години го тероризирала Рим.

Полицијата го отвори неговиот гроб во 2012 година, но таму биле коските само на Де Педисо, кој беше убиен во 1990 година во мафијашка пресметка.

Во соопштението од Ватикан не се споменува Орланди.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1