Вељаноски за вторник закажа координативна средба


Претседавачот со конститутивната седница на деветтиот парламентарен состав, Трајко Вељаноски за вторник закажа координативна средба на која треба да биде утврден предлогот за состав на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, кој ќе послужи како основ за продолжувањето на конститутивната седница.trajko veljanovski

„Денес во Собранието на Република Македонија ми беше доставено барање од 67 пратеници за закажување на продолжение на Конститутивната седница на деветтиот парламентарен состав, започната и прекината на 30 декември 2016 година. Од тие причини, а после извршените консултации со овластените претставници на политичките партии застапени во парламентот, закажав координативна средба за вторник, 21 март 2017 година, во 12 часот“, стои во соопштението испратено од Вељаноски.

„На координативната средба треба да биде утврден предлогот за состав на Комисијата за прашања на изборите и именувањата кој ќе послужи како основ за закажување на продолжение на Конститутивната седница на Собранието на Република Македонија“, додава Вељаноски.

СДСМ во петокот поднесе иницијативата за продолжување на конститутивната седница во Собранието, а за таа цел приложи и 67 потписи од пратеници. Според генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, Деловникот за работа на Собранието не го бара ова, и сега од Вељаноски се очекува веднаш да свика седница.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1