Велешанецот Даниел се венча со неговиот партнер Андреас во Германија


Велешанецот Даниел Димов и неговиот партнер од Германија Андреас Милер се венчаа во почетокот на месецов во Германија. Даниел за порталот на ЛГБТИ Центарот ја сподели неговата приказна, која ја пренесуваме со целост, заедно со фотографиите.

„Беше 22 октомври, 2014 година, и многу врнежлив ден кога мојот и животот на Андреас се променија. По некаква случајност, бевме физички блиску, и тоа го откривме преку апликација која заедно ја користиме. Добив порака од непознат и многу убав дечко, од Андреас. Ми напиша нешто на германски, но јас не го разбрав тоа, и побарав од него да ја продолжиме комуникацијата на англиски. Го прифати предлогот и продолживме со разговорот, кој беше многу симпатичен и заради кој разбравме дека сакаме набрзо да се видиме. Се сретнавме во локален Старбакс и зборувавме на секакви теми, но она што беше зачудувачки добро е што не можевме да ги тргнеме насмевките од нашите лица.daniel2

Потоа, ги разменивме своите броеви, и јас добив желба да го побарам пет минути по нашето разделување, но одлучив да не го направам тоа, почекав и го побарав наредниот ден. На следната средба, очигледна беше страста што ја имаме еден за друг. Така, продолживме да се гледаме се до моето заминување, а тоа беше по една недела. Во наредните неколку месеци, останавме во контакт, и јас се вратив повторно во Германија. Нашата приказна се разви брзо, се преселивме во заеднички стан, отидовме на заеднички одмор во Франција, го разменивме првото „Те сакам“ во Брест, Бретања. Се сретнав со поголем дел од неговата фамилија, прво со неговиот брат и со неговата девојка, потоа со мајка му и потоа со татко му и останатиот дел. Набрзо, почнавме со правење планови за нашето заедништво во иднина, но некои нешта не се поклопуваа. Јас морав да заминам во Македонија и да останам таму цели три месеци, и тој период беше многу тежок за нас. Секој ден поминувавме по повеќе од три саати на Скајп, како и на whatsapp, зборувајќи за секој детал од нашето секојдневие, и конечно на 11 август Андреас дојде во Скопје, каде што го пречекав со 20 црвени ружи. Не не загрижуваше хомофобичното опкружување и можните напади, туку едноставно се фативме за раце и се бакнувавме како да не постои „утре“. Бевме преплавени од насмевки и солзи радосници.daniel

Поминавме неколку дена во Скопје. На 14 октомври, оваа година, околу еден часот по полноќ, откако заминавме од една забава каде ни беше речено дека нема да биде дозволено нашето однесување како пар, Андреас ми предложи да ја официјализираме нашата врска и да се венчаме. Кога почна да зборува за тоа како се чувствувал за време на забавата, не бев сигурен дали е сериозен, но потоа сфатив дека неговите изјави се искрени и сериозни. Тогаш го извади прстенот и јас бев шокиран. Беше толку нереално за мене, во моментот кога побара да бидам негов партнер, и потоа воздивнав длабоко и кажав „да“. По поминувањето на уште неколку дена во Скопје, одлучивме да одиме во Велес и да го запознаам со моето семејство. На мое пријатно изненадување, моите беа многу фини со него, знаејќи за нашата врска која трае некое време. Го поминавме тој ден заедно со моето семејство, јадевме, се смеевме и поминавме добро.

Секако, по неколку дена од нашиот престој во Велес, се се промени кога извесни луѓе од соседството започнаа со лошите коментари, упатувајќи и ги директно на мојата мајка. Тој ден таа ми рече дека јас повеќе немам семејство, дека не треба да се појавам дури ниту на нејзиниот погреб. И дека треба да заминеме уште истиот момент од семејната куќа. Тоа и го направивме, и другиот ден тргнавме за Охрид, каде останавме девет дена. Таму се обидувавме да заборавиме на она што се случи, да ги релаксираме нашите чувства поврзани со тој настан.daniel1

По два дена, добив повик и известување дека мајка ми е во болница и дека и се влошила состојбата поради мене и Андреас. Ме известија и дека можам да го напуштам Андреас и да се вратам дома, како ништо да не се случило. Подоцна ја проверив информацијата за тоа дека мајка ми е хоспитализирана, но сфатив дека истата е лажна и дека мајка ми се појавила на работа и потоа заминала дома, како секој ден. По престојот во Охрид, се вративме во Скопје и останавме таму до крајот на нашето време во Македонија. Во Скопје, продолживме со нашето дружење, Андреас запозна голем дел од моите пријатели, ги запозна местата во Скопје, а го однесов и во ЛГБТИ Центарот за поддршка. Потоа се вративме во Германија. Го посетивме неговиот татко уште еднаш, и таму ја соопштивме веста за нашата венчавка. Сите ни честитаа и се радуваа на нашата релација. Датумот на венчавката го избравме така што се поклопи со роденденот на неговата баба. Имавме цел месец за планирање на нашата венчавка, и се се одвиваше добро, и покрај тоа што моето семејство одби да се појави на венчавката и да ни честита. Андреас и јас се венчавме на 6 ноември, 2015 година. Тоа навистина беше најсреќниот ден во нашите животи.“

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1