Гинекологот Панче Арсов побарал ново судење во Основен суд Велес за случајот смрт на родилката Бојанка Игнова. Тој го темели ова на вештото мислење што го добил од Медицинскиот факултет во Љубљана, Словенија.
Овој документ бил побаран од Лекарската комора на Македонија, а во врска со случајот на родилката Бојанка Игнова, која почина на 3 јуни 2003 година. За ова дело Панче Арсов, на кого му е одземена лиценцата доктор, доби и издржа една година затвор. Тој смета дека со добиеното вешто мислење се симнува вината од него, пишува Утрински.
„Барам правдата да биде задоволена. Оваа експертиза од независна институција покажува дека грешката е системска, на болницата, а не моја. ’Задоцнетото доаѓање на анестезиологот е една од констатациите, потоа дека докторот Арсов го водел породувањето согласно со стручната доктрина и со објективните можности во дадената ситуација. Навреме се решил да ја отстрани матката, но немал анестезиолог. Во текот на постапката не била направена стручна грешка со знаци на несовесно постапување‘. Ова го пишува во вештачењето.
Во 2010 година Арсов беше осуден на една години затвор за тешки дела против здравјето на луѓето, со што стана прв доктор во земјава кој е осуден поради смрт на пациент, а подоцна поради ова ја загуби и лиценцата. Истата пресуда беше потврдена од Апелација, неговата жалба отфрлена од Врховен, по што Арсов замина на издржување на казната затвор.
Утрински Весник