Уште пред изгрејсонце домаќинките ги бојадисуваат првите три црвени велигденски јајца. Црвените јајца во христијанството се симбол на воскресението Христово и на самиот празник Велигден. Црвената боја има симболика на победа на животот над смртта, а воено ја симболизира и христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјава.
Оваа црковна традиција потекнува од првиот век по Христа. Велигденското јајце е старо колку и Христијанството и црквата го прифатила во својата традиција и практика како симбол на Христовото Воскресение. Првите христијани и современици на апостолите почнале да бојадисуваат јајца и да ги подаруваат на Велигден, поздравувајќи се со поздравот Христос Воскресе! На тоа отпоздравувале: Вистина Воскресе!
Според Светото предание се смета дека Марија Магдалена, една од жените мироносци прва го започнала овој обичај за велигденските црвени јајца.
Првите три јајца се вапсуваат на Велики четврток пред изгрејсонце за да не ги види сонцето и затоа, според верувањата, не се расипуваат со години.
Старите адети кажуваат дека в зори на Велики Четврток треба да се вапса барем едно црвено јајце.
Првото вапсано јајце му се наменува на Господ и се нарекува Господово јајце. Второто е за домаќинот на семејството. Третото за бериќет и за стоката. Обичаите велат дека домаќинката не треба да биде гладна кога започнува со вапсувањето на јајцата. Треба да касне макар еден залак леб, зашто, наводно, доколку вапсува на празен стомак, таквите јајца не носат радост, туку би можело оној што ги вапсува да биде несреќен и болен.
Штом излезат првите сончеви зраци на Велики Четврток, домаќинката или кој било што ги вапсува јајцата ги буди најблиските и со првото јајце им поминува по лицата изговарајќи ги три пати зборовите: “црвено, бело, дебело“!