Православните верници денеска ја слават света Марија Магдалена, во народот позната како Блажена Марија. Таа била Христова следбеничка која прва го видела воскреснат и која според народното верување прва ја изговорила реченицата „Христос воскресна“.
Блажена Марија спаѓа во неподвижните празници и иако не е е обележан со црвено во верскиот календар, овој ден исто како за Огнена Марија и света Петка, ништо не се работи ни во куќата ни во полето.
Денешниот голем празник Света Марија Магдалина црквата ја нарече уште рамноапостолна, бидејќи беше првата што го виде воскреснатиот Христос и проповедаше за тоа. Инаку, потекнуваше од градот Магдала (по тоа е наречена Магдалина). Од неа Христос истера седум демони. Од тој момент таа толку го возљуби Господа што не се одвои од него дури ни при неговото распнување. По неговото воскресение едно време престојуваше во Ерусалим, а потоа му помагаше на свети Јован Богослов во проповедта на словото Божјо во Ефес, каде и го заврши својот земен живот. Во петтиот век моштите и се пренесени во Цариград.
Овој празник е особено значаен за жените. Денеска треба да се одмара, не е добро да се работи ни дома, ни на поле, бидејќи светицата ќе се налути.
Се верува дека ако жените одат во црква денеска, се помолат и запалат свеќа, желбата која ќе ја посакаат ќе им се исполни.
Денеска се можни и временски непогоди, бидејќи вообичаено има невреме на овој ден.