Специјалното обвинителство ќе му го укине притворот на првообвинетиот во случајот „Пуч“, поранешниот директор на Управата за безбедност и контразузнавање, Зоран Верушевски и ќе побара куќен притвор и одземање на пасошот, објави порталот Пресс 24.
„Ве известуваме дека од страна на одбраната за обвинетите предложено е укинување на мерката притвор и определување на гаранција, по однос на што, а постапувајќи по барање на Судот, ние дадовме позитивно мислење во кое појаснивме од кои причини сметаме дека постојат услови мерката притвор да биде заменета со гаранција. Воедно од наша страна предложено е и определување на мерки на претпазливост и тоа мерка на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште или престојувалиште и мерка на претпазливост – одземање на патна исправа за поминување на државна граница“, пишува во известувањето на СЈО до порталот.
Притворот на Верушевски кој е осомничен насилство спрема високи државни функционери завршува во сабота, по што се очекува тој да биде на слобода.