Тринаесет повредени лица од кои две пренесени во Ургентниот центар во Скопје е билансот од тепачката која се случи кај Сретков мост меѓу навивачи на Будуќност и Шкендија.
Од МВР информираат дека инцидентот се случил кога 10-тина автобуси со навивачи на Шкендија се движеле со Кичево по што едниот запрел во близина на мостот. Од спротивна насока се движеле два автобуси со црногорски регистерски ознаки во кои се превезувале навивачи на Будуќност. Во тој момент навивачите на Шкендија со разни предмети и камења почнале да фрлаат кон двата автобуси, по што истите застанале, а тепачката почнала.
Информациите од МВР говорат дека повредени се 11 навивачи на Будуќност, а на повреди се пожалиле и двајца од навивачите на Шкендија. На сите им е укажана лекарска помош во гостиварската болница додека двајца навивачи на црногорскиот клуб се пренесени во Ургентен центар во Скопје поради убодни рани најверојатно од нож. Неофицијално, на едното лице му биле нанесени три убодни рани во пределот на грбот, додека второто лице имало расекотини во пределот на главата.