Министерството за внатрешни работи во акциска контрола откри странски државјанки кои работеле како танчерки и келнерки во угостителски објекти во Тетово.
Полицијата денеска соопшти дека во угостителските објекти „Бабилон“ затекнати се пет девојки од Србија, а во хотелот „Динамика“ пронајдена е една девојка, исто така од Србија, кај која се пронајдени 90.400 денари, 150 швајцарски франци и 80 евра. На рецепцијата во овој хотел пронајден е и еден пиштол марка „црвена застава-екол туна“ 8 мм со три куршуми без дозвола.
Во угостителскиот објект „Бабилон“ одземени се и кутии за пари-бакшиш со испишани имиња на девојките во кои имало околу 20.000 денари.
При полициската контрола извршени се и претреси во становите за кои постојат сознанија дека биле сместени странските државјанки, пронајдени се женски алишта, кутии од користени СИМ картички, потврди за трансфери за пари преку Вестерн Унион и околу 40.000 денари и 120 евра.
Утврдено е дека странските државјанки легално влегле во Македонија и против нив ќе биде изречена мерка забрана за влез во државата.
Полицијата продолжува да работи на целосно расветлување на случајот за што ќе бидат поднесени соодветни пријави.