ВИДЕО: Иле е буден и добро закрепнува – во него чука срцето на Верче


22- годишниот Иле Стрезовски во чии гради денеска беше трансплантирано срцето на починатиот донор Верче Беловска е буден и сите параметри му се добри, соопшти хирургот д-р Јовев кој заедно со својот тим и со тимот од Клиниката Жан Митрев ја изврши оваа сложена трансплантација на срце.

„Изразувам огромна благодарност до семејството на девојката, јавноста треба да знае дека единствениот вистински начин да се помогне во вакви ситуации за да се спаси живот, е донација на органи. Со Иле комуницираме и се надевам дека добро ќе се одвива постоперативниот период и дека ќе имаме и други успешни оперрации од овој вид“, рече Јовев.

Д-р Жан Митрев рече дека тој бил во улога на асистент и нагласи дека операцијата минала во најдобар ред.

„Трансплантацијата е извршена со сите ресурси врз младиот пациент кој се наоѓаше во исклучително тешка состојба. Операцијата беше извршена успешно. Во услови кога сме соочени со пандемија, еве се виде дека не ги забораваме и другите пациенти и очекувам и други пациенти кои се на листи на чекање дека ќе добијат шанса за живот“, рече Митрев.

Семејството на Иле изрази благодарност до семејството на 20-годишната Верче Беловска и до лекарите кои го спасија неговиот живот.

Како што нагласи министерот Венко Филипче за Иле единствена шанса за живот била трансплантација на срце зошто неговото било со терминална срцева слабост, а тоа го потврди и врвниот кардиохирург Жан Митрев кој рече дека на оваа операција бил во улога на асистент.

Лекарскиот тим кој денеска изврши две трансплантации на бубрези кај 27-годишен пациент како и 40-годишен соопшти дека и кај нив состојбата е стабилна.

Д-р Дохчев кој заедно со д-р Ставридис од Клиниката за Урологија ја извршија трансплантацијата на бубрезите соопшти дека вториот бубрег од донорот бил со вродена аномалија но успеале да ја завршат трансплантацијата и кај вториот пациент.

Деновиве експлантираното меко ткиво и коските од починатата пациентка ќе бидат донирани пред се кај пациенти оперирани од метастази на коските и други карциономи, рече министерот Венко Филипче кој уште еднаш се заблагодари до семејството на Верче Беловска кое во својот најтежок момент на загуба и шок одлучи со донација на органите да спаси повеќе човечки животи.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1