Фотографијата која се најде на насловната страна на вчерашниот број на New York Post ги запрепасти читателите и привлече внимание и остри дебати околу постапката на нејзиниот автор.
На неа се гледа човек кој е заглавен на шините во една метро станица во Њу Јорк Сити и се обидува да се спаси пред да биде прегазен од возот.
Станува збор за 58-годишниот кореец Ки Сук Хан, жител на Квинс, кој според очевидците бил турнат на шините во 12:30 часот од страна на питач кој ги напаѓал патниците. Хан му се доближил во обид да го смири, но агресивниот питач го турнал пред возот.
Р. Умар Абаси, фотограф за New York Post се нашол на местото на настанот. Тој тврди дека не бил во можност да му помогне на Хан, затоа што не бил доволно силен да го извлече пред да го удри возот, па затоа го искористил блицот од својата камера и почнал да трча кон возот за да му го привлече вниманието на возачот и да го натера да застане. За жал, било премногу доцна, се се случило премногу бргу и возот го прегазил Хан. Хан бил однесен во болница во критична состојба и им подлегнал на повредите час подоцна.
Една од фотографиите кои ги направил Абаси беше искористена како насловна страна на New York Posт и ги шокираше читателите, а неговата изјава дека ја користел својата камера како обид да го спаси беспомошниот Хан, без притоа физички да му помогне, предизвика морални дебати и остри критики.
Ова е дел од коментарите:
„ Имал доволно време за да направи неколку фотографии. Зошто не му помогнал на човекот? Колку фотографии направил? Три? Четири? И никој не се обидел да помогне. Ниту една личност. Оваа фотографија го покажува тоа. Во какво време живееме…“
„ Колку невкусно од страна на NY Post да објави ваква фотографија. Никој не се обидел да помогне, а постојат бројни видеа и фотографии од ова. Одвратно.“
„ ’Почнав да трчам надевајќи се дека возачот ќе го забележи мојот блиц’ – вели Абаси, чија камера го регистрираше овој трагичен момент кога Сук се бори за својот живот. Абаси, како спиеш ноќе?“
„ Како „фотографирање“ треба да е знак за кондуктерот да го запре возот? Дали е луд човеков? Фрли ја камерата и трчај да му помогнеш. Ако не успееш, знаеш дека барем си се обидел. Фотографирање не е обид. Што би помислил кондуктерот ’Еј, види, некој слика наоколу, можеби треба да го сопрам возот’. “