Поранешна припадничка на сектата „Јеховини сведоци“, пред своите училишни пријатели, одржала впечатлив говор, во кој ја осудила организацијата и го опишала своето лично искуство. Додека одвај се воздржувала да не заплаче, таа раскажала дека во сектата ја учеле дека сите кои не припаѓаат на таа црква ги чека пропаст, вклучувајќи го и нејзиниот татко.
Таа исто така укажала на подредената состојба на жените во хиерархијата на организацијата, поради тоа што се сметаат за инфериорни во однос на мажите.
-Тие не можат да ги подучуваат мажите. Не можат дури ни да зборуваат на подиум пред мажите, како што сега зборувам јас, рекла таа, додавајќи дека жените не смеат да се сомневаат во било која машка одлука.
Таа разговарала со членки на Јеховините сведоци, кои сакале да останат анонимни.
Една од нив била испрашувана од верските старешини, бидејќи била силувана додека работела како осигурителен агент. Притоа ѝ рекле дека мажите, кои сепак се само луѓе, биле доведени во искушение поради нејзиното провокативно облекување. За да не биде исклучена од црквата, таа морала да се облекува конзервативно, да ја напушти работата, и што е најлошо, да ги повлече обвиненијата против напаѓачот.
Друга жена, која била сексуално вознемирувана од член на сектата кога била дете, не сакала на никого да раскаже што ѝ се случило, бидејќи знаела дека ништо нема да биде преземено. Потоа, 14 години во бракот била физички и психички злоставувана, а кога се обратила кај старешините за помош, ѝ рекле дека е самата виновна, и дека требало да биде подобра сопруга.
По голем број пресврти успеала да се разведе, но проблемите ни тогаш не престанале.
Го изгубила статусот на член, што значи дека не можела да разговара со пријателите и членовите на семејството внатре во сектата.
-За работата да биде уште полоша, нејзините деца ги учеа да не разговараат со неа бидејќи е злобна. Тие знаат само за верата, и живеат во страв дека ќе го разочараат Бог, раскажала ученичката.
-Црквата ги одвојува мајките од нивните деца. Нема ништо пострашно за една мајка, рекла таа.
“Јеховините сведоци” се нашле на мета на обвиненија поради сомнение дека ги криеле сексуалните жртви за да не го нарушат угледот на црквата, која одлучно ги демантира сите наводи.
Оваа година судот во Калифорнија ѝ наредил на компанијата “Watch Tower Scoiety”, која стои зад сектата, да плати 2,8 милиони долари оштета поради прикривање на случај за сексуално злоставување.
-Таа религија проповедува љубов и прифаќање, но вистината е дека љубовта и прифаќањето постојат само додека членовите се послушни и не доведуваат ништо во прашање, рекла таа.
Denesen.mk