Министерството за внатрешни работи соопшти дека по повеќе од една година екстрадициската постапка на 33- годишниот Метин Ислами од Скопје, познат како „Командант Талибани“, заврши со негово предавање на Република Македонија. Со највисок степен на обезбедување, тој е преземен од Косовската полиција на ГП “Блаце“ и согласно процедурите спроведен во КПД Идризово.
Метин Ислами минатото лето беше приведен на Косово во близина на Пеќ, откако претходно по него беше распишана меѓународна потерница преку Интерпол заради издржување казна затвор. Имено, по основ на правосилна судска пресуда од 2008 година, изречена во отсуство, Ислами беше осуден на 15 години затвор за сторени кривични дела – “терористичка организација” по член 394а од Кривичниот законик на Република Македонија и за “недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи”.
Тој беше осомничен како еден од членовите на терористичката група, предводена од Лирим Јакупи – Нацист, која во ноември 2007 година во тетовското село Бродец беше разбиена во полициската акција “Планинска бура“. Во акцијата, при нападот врз полициските сили седуммина терористи ги загубија животите, додека 12 беа приведени. Четири члена на групата предводени од Лирим Јакупи, меѓу кои и таканаречениот „Командант Талибани“, успеаја да избегаат на Косово.