ВИДЕО: МВР објави снимка од акцијата „Пуч“- еве како беа уапсени осомничените


Министерството за внатрешни работи за прв пат во историјата на независна Македонија реализираше случај во кој е сузбиен обид за загрозување на уставниот поредок и недемократско преземање на власта, односно суспендирање на вољата на граѓаните. Според  досега прибавените докази во рамки на Оперативната обработка „Пуч“, осомничените лица, преку употреба на незаконски средства на следење и шпиунирање со упатување на сериозни закани кон високи државни функционери сакале да извршат преврат и да изнудат разни услуги.

snimka

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал на Р.Македонија, до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, денеска ќе поднесе кривична пријава против четири лица инволвирани во незаконски дејствија. Првосомничен е поранешниот директор на Управата за безбедност и разузнавање кој се товари за две кривични дела и тоа „Шпионажа“ од чл.316 ст.4 од КЗ на РМ и помагање при „Насилство спрема претставници на највисоките државни органи“ од чл.311 в.в чл.24 од КЗ на РМ. Второосомничена е неговата сопруга која му помагала при извршувањето на делата. Третососомничен е 53 годишен локален функционер од општина Струмица, кој се товари за „Насилство спрема претставници на највисоките државни органи“ од чл.311 в.в. со чл.24. четвртоосомничено е 40 годишно лице од Струмица, лидер на политичка партија, кој се товари за „Насилство спрема претставници на највисоките државни органи“ од чл.311 в.в чл.19 сторено во обид.

Првопријавениот, во периодот од 2012 година до денес, прибавувал тајни податоци поврзани со работењето на надлежни државни органи во Р.Македонија во форма на документи, фотографии, имиња на лица и други податоци кои што се однесуваат на општествено-политичките, економски, безбедносни состојби во Р.Македонија, со намера да ги соопшти и предаде на странска држава, организација или лице што им служи. Во вршењето на кривичното дело активно му помогнала неговата сопруга, со ставање на средства на располагање за извршување на кривичното дело, како и на средствата со кое е извршено истото. Истата на својот службен компјутер на работното место, вршела превод на документи и податоци на англиски јазик, кои и ги давал осомничениот, за тој потоа преведени да ги предаде на странска држава, организација или лице што им служи.

Четвртопријавениот остварил повеќе лични средби и телефонски комуникации со Претседателот на Владата на Република Македонија, на 28.09.2014 година, на 09.10.2014, на 31.10.2014 и на 17.11.2014 година. На средбите и комуникациите пријавениот на Претседателот на Владата на Република Македонија, јасно и децидно му упатил сериозни закани дека поседува докази од компромитирачки карактер за носители на високи јавни, службени и државнички функции во Република Македонија. Заканата ја конкретизирал со тоа што од него како Претседател на Владата на Република Македонија и на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, побарал да ги прифати неговите барања за формирање на „Техничка Влада“, а потоа да се распишаат предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија. За возврат пријавениот ветувал дека нема јавно да ги објави податоците. Ваквите податоци, четвртопријавениот ги добивал од првопријавениот, со кого остварил повеќе тајни средби, со посредство и помош на третопријавениот.

Поради постоење на основи на сомневање дека тројцата, сториле и превземаат дејствија на извршување на наведените кривични дела, како и поради веројатност дека ќе се обезбедат податоци и докази неопходни за успешно водење на кривичната постапка, кои на друг начин не можат да се соберат, спроведувани се посебни истражни мерки под контрола и надзор на надлежниот јавен обвинител.

Со цел обезбедување и прибарање на дополнителни докази, на 22.01.2015 година, врз основа на Наредби од судија на претходна постапка од Основниот Суд Скопје 1 Скопје, извршен е претрес во домот на првопријавениот за што беше доставено Известување до надлежниот Јавен Обвинител, при што беа пронајдени и одземени два пиштоли, 4 компјутери и 6 мобилни телефонски апарати. Против него веќе е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело за „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали казниво по член 396 ст.1 од КЗ на РМ. Од досега извршената дигитално форензичката анализа и анализа на содржината, пронајдени се податоци и документи кои укажуваат дека постојат основани на сомневања за сторените кривични дела. Во содржината на електронските податоци, беа пронајдени податоци и информации кои укажуваат на транскриптирани документи за извршени разговори помеѓу повеќе личности од јавниот и општествено политички живот во Р.Македонија, криптирани доверливи документи  од повеќе институции од државата, службени документи од кореспонденција со странски држави, документи од спроведени истраги од надлежните судски инстанци во Р.Македонија, кривични пријави и други известувања од правни и физички лица доставувани до Јавното Обвинителство на Р.Македонија, деловни договори на неколку домашни и странски правни субјекти. Поради обемната содржина на дигиталните информации, анализите ќе продолжат и во наредниот период под контрола и надзор на Јавниот Обвинител.

Врз основа на Наредба од Основен суд Скопје 1 Скопје од 26.01.2015 година, одземен е и компјутер од Стопанска банка АД Скопје кој што го користи и има пристап сопругата на првопријавениот, за што исто така е доставено известување до надлежниот Јавен Обвинител.
Денеска 31.01.2015 година, од страна на полициски службеници, по Наредба на судија на претходна постапка, во Струмица извршен е претрес во домот и други простории на третопријавениот. При претресот на домот во гостинската соба беше пронајдена и второпријавената, која во моментот додека ги забележала полициските службеници, преку еден од прозорите од куќата успеала да фрли еден мобилен телефонски апарат. Од страна на полициските службеници веднаш бил документиран настанот и обезбеден надворешниот дел од куќата. За време на претресот со потврда за одземени предмети се одземени три лаптоп компјутери, 1 персонален компјутер, 20 мобилни телефонски апарати. Претресот е се уште во тек.

Поконкретно, законските членови по кои лицата се товарат опфаќаат:
Членот 311 или Насилство спрема претставници на највисоките државни органи
Тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија со сила или со сериозна закана ќе го спречи нешто да стори или ќе го присили нешто да стори или да не стори во вршењето на неговата должност претседателот на Републиката, на Собранието, на Владата, на Уставниот суд или на Врховниот суд на Република Македонија, ќе се казни со затвор најмалку четири години.

Член 316 Шпионажа
Тој што државната тајна ќе ја соопшти, предаде или ќе ја стори достапна на странска држава, организација или на лице кое им служи, ќе се казни со затвор најмалку четири години.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1