Русија продолжи со нападите на џихадистите во Сирија, а се појавија и нови снимки за хаосот кој владее помеѓу припадниците на терористичката организација.
Од министерството за одбрана на Русија соопштија дека руските авиони уништиле попладнево неколку објекти на Исламска држава, вклучувајќи и штаб на терористите кај градот Идлиба и фабрика за експлозив и муниција кај градот Хомс.
Русија ги отфрли обвинувањата дека поради нејзината акција има цивилни жртви и посочи дека се работи за медиумска пропаганда во која се прикажуваат стари фотографии од други случувања. Сепак, Русија и покрај негирањето вчера, денеска потврди дека нејзина цел се сите вооружени групи кои се борат против сирискиот претседател Башар ал Асад.
Во меѓувреме се повеќе се најавува во сите светски медиуми присуството на иранската војска во Сирија, која заедно со Хезболах се очекува деновиве да почнат копнена офанзива во координација со Сирија и Русија.
Русија официјално соопшти дека досега има пренесено во Сирија 50 воени авиони, поморска пешадија, падобранци и припадници на специјалните единици. Меѓутоа загриженост во западните медиуми предизвикува потписот на Путин на денот на офанзивата во Сирија, со кој се одобрува ангажирање на 150.000 регрути во руската војска. Ова предизвика лавина прашања дали Путин планира широка офанзива за да му помогне на Башар ал Асад, но од Кремљ отфрлија било каква поврзаност на документот со акцијата во Сирија.