Поранешниот универзитетски професор, 40-годишниот Абу Азраел, наречен Ангел на смртта, станал легенда меѓу ирачките војници кои се борат против Исламската држава. Брадестиот и храбар војник, со секира и автомат во рацете, е главен лик на постерите на бригадата “Имам Али”, ирачка шиитска милиција која е финансирана од иранската држава.
Неговите профили на социјалните мрежи имаат повеќе од 250.000 следбеници. Абу Азраел сака да позира и да се фотографира, па објавени се голем број на фотографии на кои овој “колосален војник” храбро чекори на боиштето со тешко вооружување. Меѓу ирачките милитанти тој е исто така познат како “Ирачкиот Рамбо”.
Изгледа дека има и смисла за хумор, па било објавено видео на кое преку заробено “токи-воки”, ги навредува џихадистите од Исламската држава.
Шиитската милиција моментално се бори на страната на ирачката војска, за да го вратат градот Тикрит, кој бил освоен од Исламската држава, пишува Daily mail.