Катастрофален и трагичен пожар се случи ноќеска околу 03.00 часот во Диско клубот Пулс во Кочани .
Засега се уште нема официјални информации за бројот на настрадани во пожарот кој се случил за време на концерт во дискотека во Кочани. Од Обвинителството велат дека бројот на жртви се уште се утврдува.
„ Сите надлежни служби, вклучително и јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани се на терен. Бројот на жртви и повредени се утврдува. Се уште се преземаат дејствија и се врши увид. Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, како и основните јавни обвинители на ОЈО Скопје и на ОЈОГОКК се на пат кон Кочани. На кочанското обвинителство ќе му бидат ставени на располагање сите капацитети на обвинителствата за итно постапување.“ велат од Обвинителството.

Повеќе десетици пациенти од катастрофалниот пожар во Кочани се префрлени во скопските клиники и болници. Дел од повредените се пренесени во болницата во Штип.
Присутни биле 1.500 гости, претежно млади лица. Починати има, но се уште не е објавено колку. Во гаснењето на пожарот и спасување на младите пристигнале против пожарни екипи од сите градови на околината, како и возила и медицински екипи.
Телевизија Кочани објави видео од местото.
Видеото на Телевизија СТАР пак го покажува интензитетот на пожарот.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски е во Кочани, а премиерот Христијан Мицкоски е на пат кон местото. Наскоро се очекуваат првите официјални информации од местото на несреќата.