Италијанската полиција објави видео од апсењето на двајца шефови на италијанската мафија од кланот Ндрангета, кои со години се криеле во подземен бункер.
Тајното живеалиште се наоѓало на периферијата на градот во Калабрија.
Во густите лозови грмушки полицајците откриле камуфлиран бункер во кој се криеле криминалците. Во текот на претресот таму бил пронајден импресивен арсенал на огнено оружје и муниција.
Уапсените криминалци, од кои едниот се криел скоро 20 години, во отсуство биле осудени на долгогодишни казни затвор за убиства, изнуда и организирање на криминална група.
Mафијашкиот клан Ндрангета се смета за еден од највлијателните во Италија. Организацијата е изградена на воен принцип. Членовите на бандата ја контролираат трговијата со дрога во Европа.