Премиерот Оливер Спасовски, во вечерашното он-лајн интервју изрази благодарност до граѓаните кои ги почитуваат мерките за заштита од ширење на корона вирусот и упати повик до сите што се однесуваат лагодно, и не го почитуваат своето семејство, да се приклучат на мерките.
„Секој од нас треба да ги почитува мерките и да не го шириме вирусот понатака, со миење раце и почтиување на сите заштитни мерки. Јавната свест е на ниско ниво и затоа мерките се зајакнати, целосно се затворени кафаните, рестораните, моловите, кладилниците за да влијаеме на граѓаните да го заменат своето однесување“, истакна Спасовски и како пример ги наведе собирање на младите на Водно.
Спасовски упати апел до граѓаните, да пријават ако забележат собрана поголема група, бидејќи на тој начин се загрозува здравјето на сите граѓани.
„Од нас зависи, апелирам до сите, особено до младите, да останат дома“, порача Спасовски.
Тој кажа дека Владата прави се што може за да се спречи ширење на вирусот.
„Во полн капацитет работат сите институции. Комисијата за заразни болести работи секој ден под раководство на министерот Венко Филипче. Сите во Владата сме посветени да ги решаваме проблемите. Носиме и важни и храбри одлуки, и иако тие изгледаат рестриктивни, сепак мораме да се справиме со ширењето на вирусот. Сите институции функционираат, сите стручни лица се ангажирани и делуваат согласно препораките“, кажа Спасовски.
Тој потенцираше дека свој дел во целата операција за заштита од коронавирусот имаат самите граѓанит, односно како тие ќе покажат одговорност и грижа за своето, но и за здравјето на другите.
„Секој поединечно мора максимално да ги почитува препораките и да се придржува кон забраните. Сите капацитети на државата се на терен и важно е тие да функционираат на територија на цела држава. Постојано работат лекарски тимови, денеска имавме нови тестирања, за среќа сите негативни. Иако немаме нов случај, сепак мораме да сме будни и да го даваме својот влог. Сите медицински работници се вложуваат, но признание мора да им се даде и на лекарите, на медицинскиот персонал, полицијата, армијата, центрите за справување со кризи и сите други кои несебично ја сфаќаат серизноста на ситуацијата и се жртвуваат да помогнат. Значи, од една страна правиме се животот на сите да ни тече нормално, а од друга да го спречиме ширењето на заразата“, рече Спасовски.