Вилата во која принцезата Дајана го поминала своето детство се отвора за гости кои за прв пат, овде, ќе можат да преноќат, со цел прибирање пари за хуманитарни цели, пренесува Макфакс.
Палатата се наоѓа во Нортемтоншир во Лондон и е во сопственост на нејзиниот брат ерлот Чарлс Спенсер.
Се работи за домот на аристократското семејство Спенсер чија традиција е долга 500 години. Гостите ќе можат да престојуваат во спалната соба на Дајана, каде таа поминувала најмногу време пред да се омажи за принцот Чарлс. Викенд во домот на Дајана за двојки чини повеќе од 35.000 долари. Дајана е закопана на мал остров на имотот во езерото Овал, а тука се наоѓа и споменик каде посетителите може да и оддадат чест.
Во ексклузивно интервју за NBC News, ерл Спенсер вели дека одлучил да ги отвори вратите на домот на Дајана за посети и ноќевање, откако неговата сопруга грофицата Карен Спенсер дошла на идеја дека на овој начин може да се собираат пари кои ќе бидат донирани за децата.
Семејството Спенсер истакнува дека донаторите кои ќе придонесат на оваа хуманитарна акција сигурно ќе поминат пријатен викенд во домот на принцезата Дајана. Вилата се наоѓа на околу 70 километри од Лондон, има 30 соби и неколку големи трпезарии, вклучително и една која може да прими повеќе од 100 гости.
Библиотеката ги содрѓи сите книги кои датираат од 1.800-те години, а тука се и кристалните лустери и таванот украсен со три нијанси златна боја. Порано овој месец, ерл Спенсер најави дека островот каде е закопана Дајана ќе биде редизајниран како спомен на неа. Во 1998 година оваа вила беше отворена за посетители една година по смртта на Дајана, која загина во сообраќајна несреќа во Париз.