Ниската невработеност и речиси 70 различни програми кои овозможуваат легален влез и работа, Канада ја претворија во омилена дестинација на Хрватите кои бараат можност за подобар живот. Патот почнува со околу 25.000 куни т.е. околу 6500 КМ, потребни за авионска карта и средување на основните документи, а потоа почнува битката во која некои добро се снаоѓаат, а други бараат прва прилика за враќање.
Дали Канада повторно, исто како во 60-тите и 70-тите години е ветена земја за Хрватите? Со црна статистика за невработеноста дома и делумно отворен пазар на работната сила во ЕУ, на многумина прекуокеанското селење се чини како разумно решение. Во Загреб минатата недела беше организиран саем за дејности во Канада. Интересот беше голем.
Кога на 13 јуни, пред неполни три месеци, Хрвоје Томиќ (26) и Татјана Шимунџа (25) невработени новинари стигнале во Калгари, било доцна во ноќта.
– Хрвоје ги зема куферите на аеродромот, јас со раце ги стискав документите и парите. Не познававме никого, не не чекаше никој. Земавме такси до мотелот во кој резервиравме три ноќи. Таа ноќ не размислувавме многу. Не сакавме. Знаевме која ни е целта. Кога стигнавме во мотелот, двајцата заспавме. Последната ноќ во Хрватска, пред да појдеме на пат во непознато, не можевме да спиеме… Не си дозволивме да се посомневаме дека можеби нема да најдеме работа или стан. Имавме малку пари и повратна карта, знаевме дека, ако не се снајдеме, можеме повторно дома… но тоа не е опција која лесно ќе ја прифатиме – вели младата брачна двојка.
Работна дозвола
Канада има околу 70 имиграциски програми за легален престој. Но, повеќето од тие програми се наменети за тие кои се уште се дома, од својата матична земја, кои преку интернет и огласи успеале да најдат работодавач во Канада и да добијат работна дозвола. Меѓу Хрватите најпопуларен е имиграцискиот програм Working Holidat Canada, за нас воведен во 2011 година. Преку него заминаа и Хрвоје и Татјана. Годишно во рамки на тамошните власти на Хрватите издаваат 275 работни дозволи, а можат да аплицираат сите неказнувани хрватски граѓани, на возраст од 18 до 35 години, кои можат да докажат дека за нов почеток имаат 2500 канадски долари.
Заинтересирани има многу повеќе од што има дозволи кои се делат на тој начин. Среќните добиваат работна дозвола која не е поврзана за одреден работодавач. Тој документ им овозможува, по пристигнувањето легално да бараат работа, најчесто го прифаќаат првото што ќе го најдат, а потоа бараат нешто подобро.
Татјана и Хрвоје на Working Holidat Canada се обиделе да се пријават лани, но не успеале. Во 2013 година ништо не препуштиле на случајност: – 2012 ни помина во голема гужва, пријавите се праќаа по пошта.
Оваа година се беше преку интернет, знаевме дека гужвата ќе биде уште поголема. Ние дежуравме пред компјутерот речиси два месеца, не се знаеше кога точно ќе почнат пријавите; се што рекоа беше дека ќе биде во некој период по Нова Година. Чекавме цел декември. Инсталиравме програма со чија помош на компјутерот би се огласил аларм кога би дошло до промени на таа интернет страна на канадската влада. Во февруари, еден ден пред да почнат пријавите, доцна попладне поставија известување дека пријавите ќе почнат следниот ден во пет часот – раскажа Татјана.
– Откако дојдовме во Калгари, почнавме да бараме работа преку интернет, но и одејќи и делејќи CV по кафулиња, продавници… Во Хрватска би било смешно да печатите 30 копии од своето CV и да одите од ресторан во ресторан, од продавница до продавница. Ние го направивме токму тоа, бидејќи тоа тука е вообичаено и сите не дочекуваа со насмевка. Тие на кои не им требаа нови работници ги земаа документите, се заблагодаруваа и велеа дека ќе ни се јават ако затреба. За една недела имавме деловни понуди – вели Хрвоје за својот почеток во Канада, кој сега му изгледа како да било многу одамна. Работата како келнер или продавач е за минимална дневница и може да се најде за само неколку дена. Минималната дневница по час до денес во Канада е 9,75 долари. Од 1 септември е зголемена на 9,95. – Добив понуда од ресторан и од продавница. Се одлучив за продавницата, тоа е нивниот познат синџир Sears – вели Татјана. Хрвоје кусо време работел во ресторан, а потоа по препорака добил работа како телемаркетинг, продажба на телефонски услуги. – Работата што ја работам најдобро покажува дека во Канада на многу позиции не мора да зборуваш врвен англиски за да работиш. Иако преку телефон ги продавам услугите, брзо увидов дека многу од нас не го владеат добро англискиот јазик. Еден час ми е 12,19 долари, а по секоја продадена услуга имам и провизија од 15 долари. Дневно продавам до пет пакети.
Невработеноста е 4,5 отсто
Не случајно го избравме Калгари, град во Алберта. – Со работна дозвола која е од отворен тип можевме да отидеме во која било покраина. Но, ја следевме стапката на невработеност, најмала е токму во Алберта и сега многу нови имигранти, па и Хрвати од Онтарио, каде невработеноста е 7,7 се селат во Алберта, каде стапката на невработеност е 4,5 отсто. Од поголемите канадски градови најлесно работа се наоѓа во Калгари и Едмонд во Алберта, потоа во Ванкувер во Бритиш Колумбија, потоа следат покраините Саскачеван и Манитоба, па дури на крај Онтарио. Ако во Онтарио немате некои роднини или пријатели кои ќе ви помогнат, тоа не е покраина во која лесно се наоѓа работа. Во Торонто невработеноста е 15 отсто, а во Калгари 5 отсто, добро ја проучиле статистиката. Алберта со големи нафтени резерви креира многу работни места на канадскиот пазар.
Останатите по една година кога ќе им истече визата што ја имаат, само така можат да најдат работодавач кој ќе сака да побара работна дозвола за нив, да се согласат да работат некоја работа која во Канада е дефицитарна и работодавачот на властите да докаже дека за тоа работно место не се јавил никој од Канада кој ги задоволува условите. – Не забораваме дека имаме дозвола за една година и целта ни е да најдеме работодавач кој ќе сака да покрене процес за барање на работна дозвола за нас на подолго време. Се бараат столари, заварувачи, водоинсталатери, возачи на камиони, работници во угостителството, градежни работници. Не би ми бил проблем пет години да работам во угостителство, ако тоа значи дека ќе добијам постојана работна дозвола. Но, сакам да останам во Шав, телекомуникациска компанија за која работам сега. Тие имаат и неколку ТВ станици, работат и маркетинг. Верувам дека со време ќе можам да напредувам од кол центарот на некое подобро место – вели Томиќ.
Јутарњи лист – Загреб/ Еконосмки лидер